Член на наркокланот „Барон“ и осомничен во аферата „Шпион“ добија „Амин“

од Илинка Илиоска
109 прегледи

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, донесе одлука за помилување на десет осудени лица, меѓу кои се и контроверзни имиња поврзани со криминални активности.

Сиљановска – Давкова го помилува екс градоначалникот на Битола Владимир Талески

 

Покрај поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и Шенол Маслани, помилувани се и Акиф Равмановски, член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“.

Акиф Равмановски е обвинет за поврзаност со криминалниот клан „Барон“ и се споменува како сторител во инцидентот од пред неколку дена во скопската населба Чаир, каде што пукал кон 35-годишник, член на групата Грчец, најверојатно поради должничко-доверителни односи. Равмановски исто така е осуден за други дела поврзани со трговија со дрога и оружје.

(Фото) Еве кој сè се најде на списокот на помилувања на претседателката Сиљановска – Давкова

Марјан Ефремов, кој беше обвинет во аферата „Шпион“, претходно беше вработен во Агенцијата за разузнавање, но по неговото отпуштање во 2009 година, формирал злосторничка група составена од поранешни или активни вработени во безбедносните структури. При претрес во неговиот дом, полицијата пронајде големи количини оружје, експлозив и обемна документација со класифицирани информации од аферата „Шпион“.

Ова помилување предизвика бројни реакции во јавноста, особено поради профилот на лицата кои се ослободени. Шенол Маслани, брат на Шенки Маслани, е исто така поврзан со организиран криминал и беше уапсен во 2019 година во голема полициска акција во која беа запленети дрога, оружје и луксузни возила.

(ВИДЕО) Кафе бар Версаче и уште 12 локали затворени по вчерашната акција

Покрај овие лица, претседателката го помилува и Владимир Талески, кој беше осуден во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на јавни средства при организирање на бесплатниот школски превоз. Иако Талески претходно доби колективна аболиција од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во 2016 година, тој беше повторно осуден за своите дела, но сега му е намалена казната за една година.

Одлуката за помилување на овие лица е донесена врз основа на предлог од Комисијата за помилување, која работи како постојано тело на претседателката. Комисијата е предводена од проф. д-р Методија Каневчев, а нејзини членови се проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Слични содржини