Жителот на Цетиње кој пукаше во Вук Бориловиќ (34) кој вчера уби десет и рани шест лица, засега не е достапен за полицијата, изјави началникот на Одделот за сузбивање на општ криминал во црногорскиот Сектор за борба против криминалот, Александар Бошковиќ.
Полициската управа претходно соопшти дека се уште се утврдува дали Бориловиќ загинал од истрел од полициски службеници или од проектил испукан потоа од граѓанин чии иницијали се Н.К.
„Се преземаат одредени мерки и дејствија за обезбедување на присуство на Н.К. во целата постапка“, изјави Бошковиќ за Телевизија на Црна Гора.
Бошковиќ изјави дека во тек се мерки и дејствија за утврдување на мотивот на злосторството во Цетиње.
„Прелиминарно можеме да соопштиме дека лицето В.Б. во последните неколку дена покажал одредени промени во однесувањето и во оваа смисла со помош на пријател за вчера е закажан лекарски преглед“, изјави Бошковиќ.
Тој изјави дека обдукцијата е завршена.
„Во овој момент не можам без одобрение на Вишото државно обвинителство да дадам повеќе детали“, додаде Бошковиќ.
Извештајот од обдукцијата, рече, ќе биде доставен до обвинителството.
„На телото на насилникот има повеќе повреди од огнено оружје“, изјави Бошковиќ.
Тој рече дека, по размената на оган со полицијата, според В.Б. неколку проектили истрелал Н.К.
„Но, засега не можеме да дадеме детали дали смртта настапила како последица на тоа што бил повреден од полицијата или тој граѓанин“, рече Бошковиќ.
Тој додаде дека, според досегашните информации, четворица или пет полицајци употребиле огнено оружје во Цетиње.