Италијанскиот регион Венето со престолнина во градот Венеција го призна Крим за составен дел од Русија и ја повика ЕУ да ги укине санкциите против Москва, пренесе РБК. Документот беше усвоен со мнозинство, обезбедено од локалните националисти.
Резолуцијата ја осудува “дискриминаторската и неправедна од гледна точка на меѓународното право политика на ЕУ кон Русија”. Одлуката на локалниот парламент даде повод на весникот “Кориере дела сера” да го нарече Венето “еден од сојузниците на Кремљ – по Северна Кореја, Киргистан, Уганда, Никарагва, Зимбабве и Сирија”.
Еден од активните поддржувачи на резолуцијата – националистот Стефано Валдегамбери, објасни дека таа има за цел да го потврди “правото на жителите на Крим сами да ја избираат сопствената иднина”. Во однос на укинувањето на санкциите против Русија, локалните популисти ги истакнуваат како причина економските загуби: според нив заради ембаргото Италија загубила 3,6 милијарди евра, а само за северните региони, вклучувајќи Венето, штетите се за околу 700 милиони евра.
Ноам Чомски: Кој владее со светот и попушта ли САД во својот зафат врз меѓународната власт?
Иако оваа резолуција нема правна вредност, таа предизвика реакции како во Русија, така и во Украина. Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека одлуката на Венето зборува дека и покрај антируската пропаганда во Европа, таа се повеќе губи следбеници и се сврте против авторите . За возврат украинскиот амбасадор во Италија Евгениј Перелгин испрати писмо до регионалниот парламент во Венето, во кое истакна дека Крим бил и останува составен дел од Украина. “Резолуцијата за нас не е изненадување. Нејзините автори пред време предложија референдум за независност на регионот”, изјави дипломатот.
Иницијативата за одделување на Венето беше покрената пред две години од страна на локалните партии, меѓу кои “Северна лига”, основана пред три децении. Таа е измислена и легендарна – за некаква митска келтска држава , која постоела некогаш во областа.
На национално ниво, партијата е доста слаба во споредба со годините кога беше коалициски партнер во управувањето на Силвио Берлускони. Но со популистички кампањи во богатиот Север, насочени против имигрантите и против “крадливиот Југ”, таа ја задржува својата позиција.
Венеција ја губи својата независност во Наполеоновите војни, а станува дел од обединетата Република Италија во средината на 19 век. Пред тоа за период од над 1000 години Венецијанската република е еден најголемите центри на трговијата, уметноста и културата во Медитеранот.
