Чумите што ја потресле Римската империја се поврзани со климатските промени?

од Vladimir Zorba
419 прегледи

Три епидемии на чума што ја погодија Римската империја, кои се совпаднаа со невообичаено студени и сушни периоди, укажуваат на тоа дека климатските промени можеби придонеле за падот на империјата, пишува New Scientist.

Кајл Харпер, во соработка со своите колеги од Универзитетот во Оклахома, ја реконструирал климата на јужна Италија во периодот помеѓу 200 п.н.е. и 600 година од нашата ера. Овие истражувања беа спроведени со испитување на планктонски седимент од Јадранското Море.

Римската држава процвета и го достигна својот врв во текот на три века топла и релативно влажна клима која започна во 200 п.н.е. Меѓутоа, „римскиот климатски оптимум“ поминал некаде околу 130 година од нашата ера и отстапил место на просечно три степени Целзиусови пониска температура, со почести сушни периоди. Особено студените години се совпаднаа со избувнувањето на Антонинската (или Галенска) чума во 165-180 година од нашата ера. Оваа епидемија целосно ја потресе империјата и веројатно му го одзеде животот на императорот Луциј Верус. Со оваа епидемија завршува и златниот период на најголемо политичко влијание, територијална експанзија и најголем број на население, проценет на 75 милиони, познат како „римски мир“ (Pax Romana).

Втората епидемија, т.н. „кипријанова“, (според свети Кипријан кој ја запишал оваа пандемија во своите списи) чумата се случила во 251 година и траела до 266 година од нашата ера и ги одземала животите на двајца императори, Хостилијан и Клавдиј Готски. Денес, многу историчари веруваат дека ова било епидемија на сипаници, а не вистинска чума. Се смета дека е еден од значајните фактори кои придонеле за големата криза од III век и натамошниот пад на Империјата, која почнала да се распаѓа.

Потоа, по падот на Западното Римско Царство во 476 година, започна еден од најстудените периоди во изминатите 2000 години, кој започна низа епидемии, од кои прва беше чумата на Јустинијан во 540 година, која веројатно придонела за загубата на голем дел од територијата на јужна Италија, Балканскиот Полуостров и Блискиот Исток.

Харпер вели: „Римската империја се подигна и падна, и повторно се подигна и падна. Во некои случаи имавме бранови на екстремни кризи. Денес, силно верувам дека климатските промени, исто како и пандемиските болести, беа клучен фактор во многу од тие кризи“.

Иако постојат знаци на овие ледени доба во три седиментни слоеви од северните Алпи, истражувањето на седиментите на крајот на морската струја што се движи по целиот источен брег на Италија ни ги дава првите јасни докази за нив во континенталниот дел на Римската империја.

Видовите планктони со топла вода се намалуваат во седиментните слоеви кои припаѓаат на овој период, вели Карин Зоневелд, научен соработник на Универзитетот во Бремен. Тимот, исто така, забележа намалување на бројот на видови кои би зависеле од хранливите материи од речните седименти, што укажува на суши.

Поладните, посуви услови сигурно би ја нарушиле жетвата што би го нарушило имунолошкиот систем на римските граѓани и би помогнало во ширењето на болестите поради миграцијата и конфликтите предизвикани од глад.

Пред Јустинијановата чума, предизвикана од бактеријата Yersinia pestis, три големи вулкански ерупции ја затемниле сончевата светлина и предизвикале „мини ледено доба на доцната антика“. Историчарите од тоа време го забележале неуспехот на жетвата. Во 536 година, Прокопиј запишал дека „Сонцето ја изгубило својата светлина и било како месечината.“ Тој исто така запишал дека на луѓето постојано им се заканувале болести, војна и други неволји што носат смрт.

Иако оваа нова студија за седименти го подобрува нашето знаење за Италија во римско време, сè уште немаме сигурни податоци за остатокот од империјата. Затоа не можеме точно да кажеме дали климатските промени започнале и ја рашириле чумата, вели Тимоти Њуфилд од Универзитетот Џорџтаун. Тој, исто така, смета дека проценките за ефектите од чумата на Јустинијан се претерани.

Харпер додава дека ова истражување треба да покрене голем број прашања за климатските промени во римскиот, но и денешниот период. Сето ова ни дава подобра идеја за влијанието на промената од само два до три степени Целзиусови и како тоа може да има катастрофално влијание врз човечките заедници.

Слични содржини