Чворовиќ за „Локално“: МПЦ ќе стане автокефална ако нејзиното свештенство се откаже од „добрите услуги“ на Цариград

од Nikola Popovski
797 прегледи

Актот на Синодот на Вселенската патријаршија од 9 мај е очигледно неканонски, бидејќи Цариградската патријаршија не може да одлучува за македонскиот раскол и статусот на МПЦ бидејќи е територија под канонска јурисдикција на СПЦ. Само Српската православна црква како мајка-црква може да одлучува за статусот на МПЦ, преку братски дијалог меѓу владиците на СПЦ и МПЦ. Прашањето за канонскиот статус на МПЦ не може да се одвои од прашањето за нејзината автокефалност, вели во разговор за „Локално“ професорот од Србија и црковен аналитичар, Зоран Чворовиќ околу одлуката на Вселенеската патријаршија која го бранува православниот свет.

Според него, Цариградската патријаршија, како ненадлежна, всушност прејудицирала многу прашања кои треба да се решат во рамките на актот на автокефалноста, кој МПЦ може да ја добие само од СПЦ.

-Такви се прашањата за името на црквата и границите на нејзината јурисдикција. Од актот на Цариградската патријаршија произлегува дека СПЦ и претставниците на МПЦ-ОА треба да решаваат само спорни „административни прашања“. Сведувањето на томосот за автокефалност на административни прашања од втор ред не е ништо друго туку обид на Цариградската патријаршија да ја деградира самата институција автокефалност. Тука доаѓаме до клучното прашање. Што ја мотивирало Цариградската патријаршија да донесе таков акт? Овде не станува збор за грижа за решението на македонскиот раскол, па дури ни потребата „да и се забие нож во грб на СПЦ“, туку во рок од 4 години да се афирмира папската амбиција на патријархот Вартоломеј, смета Чворовиќ.

Аналитичарот појаснува дека во случајот со т.н. Православната црква на Украина, сега во случајот со МПЦ, патријархот Вартоломеј тргнал од искривеното источнопапско толкување на 9-тиот, 17-тиот и 28-тиот канон на IV Вселенски собор, односно дека Цариградската патријаршија наводно има највисока судска власт во Вселенската Православна Црква, што на патријархот Вартоломеј му дава право на одлучување по жалбите на лица прогласени за расколници во другите помесни цркви.

Фото: Локално

-Ваквите папски амбиции на Цариградскиот патријарх треба да бидат осудени од сите православни цркви. МПЦ не треба да ги користи тие амбиции за решавање на својот статус, бидејќи нивното признавање, како што се гледа од чинот од 9 мај, е погубно за самите православни Македонци. Како вистински источен папа, патријархот Вартоломеј го прогласи името на црквата во Северна Македонија и ги определи нејзините граници, заземајќи за себе голема и богата македонска дијаспора, која гркофилското цариградско свештенство најверојатно ќе го подложи на асимилација во домицилните идентитети на топилницата на Австралија, САД и други западни земји, наведува Чворовиќ.

За тоа дали во скоро време може да се очекува МПЦ да добие томос за автокефалност, Чворовиќ оценува дека ситуацијата во СПЦ е зрела за решавање на статусот на МПЦ.

-За тоа сведочи неодамнешната изјава на член на Синодот на епископот Фотиј. За да може МПЦ да добие канонски валидна автокефалност, нејзиното свештенство мора да се откаже од „добрите услуги“ на Цариград, а СПЦ да го прогласи актот на Цариградската патријаршија за ништовен и да го прекине општењето со Цариградската патријаршија се додека она не го поништи својот антиканонски акт. Епископите на СПЦ се должни да го штитат канонскиот поредок на Вселенската Православна Црква и автокефалноста, односно целосната власт на СПЦ. Во интерес на сите православни Македонци е нивната црква да добие автокефалност на канонски валиден начин, а не од ненадлежна инстанца – Цариградската патријаршија, која служи како обично средство за остварување на папистичките амбиции на Вартоломеј. Само по јасна канонска осуда на чинот на Цариградската патријаршија од страна на епископот на Српската православна црква и свештенството на МПЦ, можно е да се започне братски дијалог за решавање на статусот на МПЦ, но и за други прашања од значење за Српската црква. Треба да се очекува дека на таквиот братски дијалог, кој ја игнорира арбитражата на Цариградската патријаршија, ќе се спротивстават силните гркофилски кругови во СПЦ и МПЦ, обелоденува црковниот аналитичар.

Чворовиќ смета дека поради послушноста кон Христос кој е глава на црквата, а каноните се свети огради кои го штитат единството на православната црква, владиците на СПЦ се должни да го осудат неканонскиот чин на Вселенеската патријаршија од 9 мај, која, според него, извршила разбојнички упад во територија под јурисдикција на СПЦ.

Фото: Локално

-При ракополагањето, епископите се должни да го почитуваат канонот и затоа осудата на папистичките претензии на патријархот Вартоломеј не треба да биде прашање на избор и проценка на ризик. Тоа е едноставно пастирска обврска, информира аналитичарот.

Во однос на реакцијата од Бугарската православна црква, Чворовиќ вели дека фактот што името Охридска архиепископија е единственото прифатливо за Вселенската патријаршија зборува не само за интересот на панхеленистичкиот империјализам да го загрози македонскиот национален идентитет, туку и да посее трајно семе на раздор меѓу православните Словени на Балканот.

-Ваквите интереси на Цариградската патријаршија очигледно одговараат на интересите на политичкиот Запад, поточно на Англосаксонците, кои се вистински господари на патријархот Вартоломеј. Сè што се случи од Охридскиот договор, преку наметнувањето на името Северна Македонија, до името на црквата во Македонија предложено од Цариград, јасно покажува дека целта на колективниот Запад, кој отсекогаш бил заштитник на панхеленизмот, е да се асимилира македонскиот национален идентитет во граѓански „melting pot“ идентитет на граѓаните на Северна Македонија како заедница на Македонците и Албанците. На зачувувањето на етничкиот идентитет на Македонците секако не може да влијае името на државата Северна Македонија, а камоли откажувањето од терминот македонски во името на црквата. Со тоа име Охридската архиепископија ќе создава нови поделби и судири меѓу православните Македонци и Бугари, а тоа не е во интерес на православието, а особено на православните Словени, истакнува српскиот професор.

Околу поддршката што Руската православна црква ѝ ја даде на СПЦ, Чворовиќ потенцира дека и самата РПЦ била жртва на папистичките амбиции на Вселенската патријаршија, па природно и очекувано е да се залага за заштита на СПЦ и нејзиното канонско единство и автокефалност.

-Очигледно е дека Вселенската патријаршија се надева дека СПЦ ќе се согласи со диктатот на патријархот Вартоломеј, што неминовно би довело до разлики меѓу СПЦ и РПЦ на задоволство на Цариградската патријаршија и нивните западни политички заповедници, објаснува црковниот аналитичар за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини