Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави во понеделник две видеа на кинески јазик, чија цел е да ги намами кинеските службеници да им предадат класифицирани информации на САД, во најновиот обид на агенцијата да собере повеќе разузнавачки информации за стратешкиот ривал на Вашингтон, објави Ројтерс.
Најновиот потег доаѓа откако ЦИА во октомври објави онлајн упатства за тоа како безбедно може да се контактира агенцијата, во обид да регрутира нови доушници во Кина, Иран и Северна Кореја, објави Ројтерс.
ЦИА претходно изјави дека спровела успешни обиди да ги привлече Русите на овој начин.
Американската разузнавачка агенција е уверена дека најновите видеа на кинески јазик ќе ги пробијат интернет ограничувањата на „Големиот заштитен ѕид“ во Кина и ќе стигнат до целната публика.
„Доколку не функционираше, немаше да ги снимаме овие видеа“, изјави неименуван функционер на ЦИА за Ројтерс, додавајќи дека Кина е приоритет за САД во однос на разузнавањето.
Видеата прикажуваат измислени сцени кои раскажуваат за тоа како висок функционер на Кинеската комунистичка партија и владин службеник се разочарале од кинескиот систем и контактирале со ЦИА.
Кинеската амбасада во Вашингтон сè уште не ги коментираше видеата, но претходно ги обвини САД за водење систематска кампања за дезинформации против Кина.
ЦИА во март изјави дека Кина останува главна воена и сајбер закана за Соединетите Американски Држави, потсети Ројтерс.