Цицонков: Потребен е гасен интерконектор и со друга држава заради сигурност, ако прекине доводот од Бугарија

од Vladimir Zorba
373 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и нареди на владата во Анкара да почне со градежните работи на „гасниот чвор“ во Турција. Според турските медиуми – едната рута ќе оди до Италија, другата преку Бугарија до Северна Македонија, Албанија и Србија – и третата, преку Романија, Унгарија до Западна Европа.

Професорот д-р Ристо Цицонков за „Локално“ вели дека турскиот претседател, заради војната во Украина, проценил дека оваа ситуација може да се реши со т.н. „гасен чвор“ во Турција додавајќи дека во таков случај „ЕУ ќе глуми дека набавува гас од Турција, а Русија ќе кажува дека гасот го дава на Турција (а не на ЕУ)“.

-Најпрвин треба да се погледне постоечката мапа на гасоводи што поминуваат во регионот на ЈИ Европа. Се гледа дека во Турција веќе постои гасовод од Русија и гасовод (TANAP – Trans-Anatolian Pipeline) кој носи природен гас од Азербејџан, а пред некоја година почна изградбата на TAP (Trans-Adriatic Pipeline) од Турција, преку Грција, Албанија до Италија, не низ Македонија. Меѓу Грција и Бугарија има интерконектор за гас. Планиран е гасовод од Бугарија кон Романија и Унгарија.Немам точни информации колкави се капацитетите на овие постоечки гасоводи и оние во градба опишани погоре. Дали преку нив може да помине голема количина према другите делови на Европа не ми е познато. Можеби ќе се градат дополнително нови гасоводи од Русија до Турција и понатаму кон Грција (или кон Бугарија) и Европа, истакнува професорот, појаснувајќи ја постоечката мапа на гасоводи што поминуваат во регионот на ЈИ Европа.

Проф. Ристо Цицонков

Проф. Ристо Цицонков

Потенцира дека во земјите на ЕУ има голема економска криза, додавајќи дека Унијата потајно „сака да добива гас од Русија и покрај санкциите“, додека пак Русија „потајно сака да извезува гас во ЕУ заради економски интерес“.

-Заради ситуацијата со војната во Украина, Европа воведе санкции кон Русија и набавките на гас и нафта од таму се значајно редуцирани, а пак Русија се лути на Европа заради санкциите (и помошта што ја дава ЕУ на Украина. Во земјите на ЕУ има голема економска криза (има штрајкови) и потајно ЕУ сака да добива гас од Русија и покрај санкциите, а пак Русија потајно сака да извезува гас во ЕУ заради економски интерес. Веројатно Ердоган проценил дека оваа ситуација може да се реши со т.н. „гасен чвор„ во Турција. Во таков случај ЕУ ќе глуми дека набавува гас од Турција, а Русија ќе кажува дека гасот го дава на Турција (а не на ЕУ).Ова е моја претпоставка. Во секој случај, има непредвидлив тек на настаните кој зависи од многу фактори, подвлекува Цицонков.

Според постоечката мапа на гасоводи што поминуваат во регионот на ЈИ Европа, професорот појаснува дека земјава не е предвидена во ниту една изградба на нов гасовод.

-Само знаеме дека Владата планира изградба на гасен интерконектор со Грција, а претодно треба да изгради гасовод од Неготино до грчката граница. Инаку, РМ има гас во изобилие последниве 25 години. Постоечкиот гасовод е стигнат до Скопје во 1998 година и се користи под 20% од можниот капацитет, а кога работи Те-То се користи до 40% од расположивиот капацитет. Причинита за тоа е што нема дистрибутивни гасни мрежи во Скопје и другите градови. Без оглед што имаме на располагање голема количина на гас, потребно е да се направи гасен интерконектор и со друга држава заради сигурност ако прекине доводот од Бугарија (т.е. Русија), објаснува тој.

Б.М.