Општествените норми и довербата во јавните институции се разнишани. Довербата во функционирањето на системот „кочници и сопирачки“ е нарушена. Верувањето дека постои системски неуспех во земјата е сеприсутно.

Тоа е една од константациите во студијата „Спасување на демократијата во Македонија: Што да се прави по скандалот со прислушувањето, која ја подготви Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) заедно со студенти од Школата за јавни политики „Мајка Тереза“.
„Дури и да ги прифатиме тврдењата на премиерот Груевски дека некои материјали се точни, некои се делумно точни, а некои се лажни, постојат сериозни индикации дека демократијата денес во Македонија е во опасност. Веќе извесно време сите аспекти на јавниот живот, од администрацијата до јавните претпријатија и граѓанското општество се политизирани. Поплаките за политичка доминација во медиумите, структуралната неефикасност на јавната администрација, зголемените трошоци за влез во политиката за нови субјекти, слабото исполнување на законските барања во поглед на јавното финансирање на партиите, де факто пристрасното донесување на јавни политики иако за истите беа неопходно широки и сеопфатни јавни консултации, недостатокот на доверба на граѓаните во државата и политичарите, недостигна државотворност во јавниот сектор, не се нови појави и постоеја уште пред да се објават прислушуваните материјали. Снимките само го зајакнаа сомнежот стравот дека системот наместо да биде во служба на јавниот интерес е дизајниран со цел за максимизирање на богатството, моќта и бенефит на определни групи и мрежи кои тоа го прават без последици и правна одговорност“, се вели во студијата.
Посбено внимание во неа се обрнува на недосегливоста на власта, која како да е над се, над законите, па владее апсолутистички во државата, која ја направила свој посед, се вели во студијата.
„Помеѓу голем дел од населението постои чуство дека владеачката коалиција а посебно ВМРО-ДПМНЕ ја имаат „заробено државата“ (Погледнете ги податоците во Јавно мислење за скандалот со прислушкувањето: Истражување). Во Македонија помеѓу многумина е широко раширено чувството дека официјалните лица на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не подлежат на одговорност, чувство засилено од долготрајното практикувањена власта без промени на изборите. Постои чувство дека премиерот Груевски и неговите приврзаници научиле како да ги максимизираат богатството и моќта за нивна сопствена корист додека извлекуваат огромни ресурси од општеството и добар дел од тие ресурси ги менаџираат преку клиентелизам и други средства. Сите овие дејствија се превземаат да се осигура континуитетот на нивните позиции, финансиските придобивки и неодговорноста. Во моментот под знак прашалник е ставен легитимитетот на креирањето на јавните политики, додека општествените норми и довербата во јавните институции се разнишани. Довербата во функционирањето на системот „кочници и сопирачки“(checks and balances) е нарушена. Верувањето дека постои системски неуспех во земјата е сеприсутно“, констатира ЦИКП./фото +Инфо