Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, порача дека Грција е подготвена да ги исполни сите обврски во однос на проблемот со бегалците, јави дописникот на МИА од Брисел.
Пред почетокот на мини-Самитот во Брисел, посветен на бегалската криза, а на кој се и шефовите на државите и Владите и на Република Македонија, Србија и Албанија, претседателот на грчката Влада запраша отворено каде е и зошто Турција не е претставена на овој, според многумина “најважен состанок во Европа”.
– Ние сме подготвени да ги исполниме сите наши обврски. Да изградиме пет договорени „жешки точки” на островите до крајот на оваа година. Но, што е со останатите земји и нивните обврски? Каде е Турција на денешниот состанок, ако мислиме да донесеме сериозни заклучоци, бидејќи Турција е прва точка на влез на бегалците? – запраша Ципрас.
Тој всушност е единствено што отворено го постави прашањето што виси во воздух на овој мини-Самит, а тоа е за отсуството на Турција од каде пристигнуваат бегалците на европско тло. А, за тоа зошто, пак, Албанија е присутна на овој состанок, појасни премиеро тна оваа држава Еди Рама, кој пред почетокот на состанокот порача дека со можното атворање на границите на земјите од балканската рута, можно е Албанија да стане нов центар на прием на бегалците, кои во таков случај би морале да ја променат рутата на движење./МИА