Грчкиот премиер Алексис Ципрас и рекол на германската канцеларка Ангела Меркел, дека на неговата земја и е потребна финансиска помош за справување со миграциската криза, објави германскиот весник “Билд”, кој се повикува на грчки владин извор.
Според изданието Ципрас и Меркел имале 40-минутен телефонски разговор во средата вечер, за време на кој грчкиот премиер посочил дека неговата земја има потреба од “техничка и финансиска помош”, за да прифаќа бегалци на островите Лезбос, Родос, Кос, Самос и Хиос.
Колку пари сепак сака Атина не се кажува . Според последните податоци на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) од почетокот на годината Грција прифатила над 421 000 бегалци, главно Сиријци и Авганистанци.
Властите во Атина ги транспортираат организирано сите мигранти со автобуси и возови до македонскиот пограничен град Гевгелија. Само за последните три месеци во текот на овој граничен премин поминаа скоро 150 000 луѓе.