Citroën го претстави новиот концепт C5 Aircross

од Vladimir Zorba
327 прегледи

CITROËN на саемот за автомобили во Париз го претстави концептот C5 Aircross, кој ја најавува втората генерација на компактниот теренец.

Сериската верзија ќе пристигне во средината на 2025 година со опција за целосно електричен погон со максимална автономија од 680 километри.

Претставениот концепт е „95 проценти“ сериски модел, изјави извршниот директор на Citroen Тиери Коскас на саемот: „C5 Aircross беше огромен комерцијален успех за нас“, рече Коскас за Stellantis, „но време е да го обновиме“.

Новиот C5 Aircross ќе биде изграден на архитектурата STLA Medium, која може да прими мотори со внатрешно согорување и енергија од батерии. Новата генерација на C5 Aircross ќе ја дели платформата со низа компактни теренци на Stellantis, вклучувајќи ги Peugeot 3008, Opel/Vauxhall Grandland и новиот Jeep Compass.

Сегашниот C5 Aircross започна да се произведува во 2017 година, додека новиот модел ќе се произведува и во Рен, Франција. Stellantis инвестираше 173 милиони долари во надградба на фабриката за производство на целосно електричен модел.

Citroën не објави технички детали за следната генерација на C5 Aircross, но Peugeot 3008 е достапен со 48-волтен хибриден погон, plug-in хибрид и неколку целосно електрични верзии со максимален опсег од речиси 700 km, што значи може да се очекува слична понуда.

Претходно оваа година, Citroën го обнови својот мал SUV, C3 Aircross и компактниот C3, кои доаѓаат на поевтината Smart Car платформа на Stellantis.

Воедно, Citroen денеска на саемот во Париз ги претстави модернизираните компактни модели C4 и C4 X кои добија нов изглед во согласност со новиот дизајнерски израз, како и префинетиот електричен модел Ami.

Слични содржини