ЦИВИЛ ја поздравува судска одлука за укинување на апанажите на функционерите кои ќе бидат разрешени или ќе си дадат оставка. Одлуката ја донесе Уставниот суд на седницата на 1 март 2023 година. Уставните судии го укинаа членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери. Овој член предвидуваше – пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен да ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.
ЦИВИЛ уште пред 4 години, на 17 мај 2019 година, започна иницијативата „Крај за расипништвото“, со поднесени барања до Собранието за укинување на привилегиите на функционерите која сè уште е актуелна и ќе остане додека не се укинат сите повластици, почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.