Coca-Cola повлекува дел од своите производи од хрватскиот пазар

од Stefanija Kuzmanovska

„Кока-Кола“ во средата потврди дека според решението на Државниот инспекторат на Република Хрватска, привремено повлекува една половина литарска серија Coca-Cola Original Taste во пластична амбалажа и две ограничени серии Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate од 330 милилитри во стаклена амбалажа.

„Согласно усното решение на Државниот инспекторат, привремено повлекуваме една серија газиран пијалок Coca-Cola Original Taste од 500 ml во пластична амбалажа, произведен на 11 октомври 2023 година со рок на траење до 11 април 2024 година“, стои соопштение од компанијата „Кока-Кола“ Хрватска, пренесува „Хина“.

Иако, како што напоменуваат, нивната интерна анализа не покажала неправилности во производството или производите, сепак одлучиле привремено да повлечат две ограничени серии Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate од 330 ml во стаклена амбалажа до завршување на официјалната истрага.

Станува збор за серии произведени на 27 мај 2023 година со рок на траење до февруари 2024 година и 22 јуни 2023 година со рок на траење до март 2024 година.

„Продолжуваме да соработуваме со надлежните органи и преземаме конкретни активности за заштита на нашите потрошувачи“, се вели во соопштението на „Кока-Кола“ Хрватска, во кое истакнуваат дека преземаат чекори за заштита на јавното здравје.

Забрана за производи

Државниот инспекторат на Република Хрватска (ДИРХ) привремено ѝ забрани на „Кока-Кола“ Хрватска да се пласира на пазарот и нареди повлекување на сомнителните производи поради сомневање дека пијалоците, по кои неколку лица побарале лекарска помош, се небезбедни.

Државниот инспекторат излезе на терен по појавата на сомнежи за неисправност на пијалоците Romerquelle и Coca-Cola кои ги произведува компанијата „Кока Кола“. Посочуваат дека зеле мостри од пијалокот, а увид извршиле и во трговската компанија во Загреб.

Во соопштението, меѓу другото, ДИРХ вели дека при инспекцискиот надзор не е пронајдена сомнителна серија Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate од 330 мл, која ја консумирало лицето кое побарало лекарска помош.

Слични содржини