Ќе зрачи црковна телевизија во македонскиот медиумски етер. Владиката и митрополит преспанско-пелагониски Петар добил дозвола за отворање телевизија. Одлуката е објавена на веб-страницата на АВМУ и истата се однесува на скопскиот регион, со времетраење од девет години. Телевизијата добила дозвола за општ, претежно забавен формат, каков што имаат најголемиот дел од телевизиските станици и медиуми во државата.
Според дел од јавноста, изненадувачка е ваквата одлука, поради начинот на кој се прави. Верскиот аналитичар и новинар Бранко Ѓорѓевски вели дека со право се реагира во јавноста.
-Кај нас, по правило, штом ќе се спомне вклучување на МПЦ во некаков „бизнис“ се крева тензија во јавноста и следат негативни реакции. Имало многу такви примери. Владиката Петар требаше да биде свесен за тоа и не требаше на таков начин да го тера овој проект. Отворање на ТВ не е нешто скандалозно само по себе, но сега е скадалозна сета тајност и мистериозност. Зошто тој има потреба вака да го прави овој проект? Тоа е она што отвроа дилеми и дава поводи за реакции кај граѓаните, истакнува Ѓорѓевски.
Соговорникот порачува дека генерално не е против тоа Црквата да се вклучува во бизниси.
-Зошто, на пример, ако некоја голема површина која е во сопственост на Црквата или на некоја друга верска заедница (Исламска, католичка…) на неа да не се инсталирата фотоволтаици па да се произведува еколошка струја од која би имало приход. Или, во некоја друга област да се организира стопанска дејност – продажба на дрво, одгледување шуми и слично…продажба на вино (што се прави во манастирите на Српската црква). Проблем е во транспарентноста. Ние немаме чувство дека МПЦ е доволно јавна и транспарентна кога се работи за вклучување во бизнисите. Не знаеме какви договори склучува, колку приходи остварува, како ги троши… Никогаш не се објавуваат такви податоци на нивни интернет страници. Зошто? Не знаеме ниту воопштои колкави имоти имаат? Зошто да не се знае? Зошто верниците да не ја знаат таа информација? Зарем некој од верниците би имал нешто против од приходите од црковните бизниси да се прават старски домови, детски градинки, лекарски и стоматолошки ординации, народни кујни, да се подобри лошиот материјален статус на свештениците кој сепак не е таков како што се перцепира во јавноста дека се каста на богати луѓе. Значи, не е проблем во водење на бизнис, туку во јавноста. Така е и во однос на телевизијата на владиката Петар, потенцира новинарот.
Ѓорѓевски смета дека владиката должи објаснување првенствено во својата Епархија за да каже од каде му се средствата, кој се се согласила за таков проект, која е оправданоста…
-Од тој апсект, реакциите на граѓаните се оправдани. Како може црковните пари да се трошат за таква намена во ситуација кога постојано се тврди дека Црквата нема доволно пари, дека одвај ги плаќаат сметки за струја, дека свештениците ги пријавува на минимална плата… а сега се купува ТВ опрема, се ангажираат новианри, се плаќаат лиценци, ни рече аналитичарот.
Посочува дека има примери на постоење на телевизии коишто емитуваат верска духовна програма има во регионот и поширкото, но, тие главно се врзани за православни цркви како единствени институции.
-На пример, Руската православна црква има ТВ Спас, Српската православна црква има ТВ Храм… Значи, пристапот е сериозен и единствен. Не се остава ваков проект на слобода на еден владика кој може да прави што сака. Знам дека во МПЦ-ОА пред пет-шест години имало идеи, проекти да се прави телевизија со верска содржина, да се направи таква радио-постојка. Но, тие проекти не се остварија оти не можеште да се постигне општа согласност во Синодот. Штета, бидејќи на МПЦ-ОА и е потребна поголема отвореност кон јавноста. Факт е дека таа е многу затворена како институција и дека се е сконцентрирано во рацете на владиците и нивното субјективно чувство и проценка што јавноста може и треба да знае за нивната работа. А тоа не е во ред и води кон опасности од злоупотреби, оценува Ѓорѓевски.
Н.П.