Секој последен петок во ноември е резервиран за големиот празник на шопингот, познат како „Black Friday“ (Црн петок), кога повеќето производи за широка потрошувачка може да се најдат по намалени цени. Во последните години, граѓаните најчесто се жалеа дека е маркетиншки трик за празни кеси и полни каси. Праксата кај трговиците е пак, врз старата цена да биде залепена нова, па многу често се случува цената да е иста, а само да се дава впечаток во јавноста дека производот е на попуст. Новост е што кај нас ваквиот тренд некогаш и месец дена, што е премногу во споредба со другите земји. Најчесто тоа се денови во кои трговците промовираат кампањи за попусти, а луѓето и во услови на рецесија и слаба куповна моќ трошат пари.
Колку попустите се реални, а колку се само маркетинг за привлекување купувачи, ја прашавме Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ). Оттаму за „Локално“ велат дека изминатиот период на излогот на речиси секој продавница можеме да забележиме натпис за попусти по основ на „Black Friday“. Велат дека истото се случува и на страните на онлајн трговците.
-Ако погледнеме ќе забележиме дека цените на производите се или идентични како и во други периоди од годината или попустите се многу мали. Од таму можеме да заклучиме дека овие натписи се повеќе маркетинг алатки на трговците отколку реални попусти, потенцираат од ОПМ.
За времетрањето на „шопинг треската“ од Организацијата посочуваат дека најчесто „Black Friday“ трае од две недели до еден месец што не е случај во другите земји каде овие попусти се помали и се само во последниот петок од ноември.
-Кај нас поради траење од 30 дена најчесто може да се подведат под акциска продажаба која е дефинирана во Законот за заштита на потрошувачите и треба да биде контролирана од страна на Државниот пазарен инспекторат, истакнуваат од ОПМ.
Организацијата за потрошувачи очекува да има поплаки од граѓаните во наредниот период.
-Секако овие натписи ќе ги привлечат потрошувачите да купат одредени производи. Поплаки ќе има во наредниот период и истите најчесто се однесуваат на квалитетот на купените производи, или разликите во цените на рекламните флаери и цените во продавниците. Потрошувачите секако не треба да дозволат да купуваат без да размислат дали одредени производи им се навистина потребни и да внимаваат на квалитетот на производите. Понекогаш при вакви акции трговците ги намалуваат оние производи кој не се продаваат или имаат лош квалитет, информираат од ОПМ.
Во ваквите денови кога народот на големо ги посетува моловите и местата со продавници, од Организацијата потенцираат дека потребно е да се истакне најниската цена што била во последниот месец, пред да се објави цената за „Црниот петок“.
-Секако согласно ЗЗП трговецот е должен производите да ги означи со две цени претходната продажна цена која може да биде прешкртана и намалена продажна цена. Како претходна продажна цена се смета најниската што трговецот ја означувал најмалку 30 дена пред започнување на означувањето поради акциската продажба Black Friday, не информираа од ОПМ.
Доколу купувачите утврдат лажни попусти, нереални цени или прекршување на законот за потрошувачи, од Државниот пазарен инспекторат велат треба да се пријави на нивната веб страна или пак на бројот 181.
Кое е значењето на фразата „црн петок“?
Доколку на интернет проверите кое е значењето на „црн петок“, ќе најдете различни толкувања, но ниту едно од нив не се поврзува со робовите. Едното од нив е дека фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, кога работниците практикувале, ден по Денот на благодарноста, да се јавуваат на работа и да кажуваат дека се болни со цел да имаат четири дена споени за викенд.
До 1961 година терминот „црн петок” (и „црна сабота”), вообичаено се поврзувал со полицијата на Филаделфија. Имено, полицијата од Филаделфија ја користела оваа фраза за деновите (петок и сабота) кога морала да се справи со хаосот и главоболките од толпите и застојот во сообраќајот на ден по Денот на благодарноста, односно во почетокот на божиќната шопинг-сезона.
Едно популарно објаснување за потеклото на „црниот петок” вели дека тоа е денот кога трговците на мало на крајот од годината почнале да покажуваат профит, придвижувајќи се од „црвено” до „во црно”, откако работеле со загуба од јануари до средината на ноември. Во сметководствени услови, работењето со загуба (губење пари) е наречено „во црвено”, бидејќи сметководителите традиционално користеле црвено мастило за да покажат негативни износи (загуби). Позитивните износи (профит) обично биле прикажувани со црно мастило. Така, да се биде „во црно” е добра работа, бидејќи тоа значи дека продавниците работат со профит (правење пари).
Значи, фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, а нејзината поврзаност со профитот на трговците првпат се појавува во 1981 година, повеќе од сто години по укинувањето на робовладетелството во САД (според Википедија, ропството во САД било укинато по усвојувањето на тринаесетиот амандман во Уставот на САД во 1865 година, по Американската Граѓанска Војна).
Н.П.