Црна Гора затвора уште едно поглавје во преговорите со ЕУ: Утре меѓувладина конференција за транспортни мрежи

Поглавјето 14 се однесува на развојот и интеграцијата на транспортната инфраструктура во европската мрежа на транспортни коридори - таканаречената TEN-T мрежа (Trans-European Transport Network)

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Собрание на Црна Гора

Во вторник, 17 март, Црна Гора треба привремено да затвори уште едно преговарачко поглавје во процесот на пристапување кон ЕУ. Станува збор за Поглавје 14 – „Трансевропски транспортни мрежи“, кое се однесува на усогласувањето на националната транспортна инфраструктура со европските транспортни коридори.

Меѓувладината конференција на која ќе биде затворено поглавјето е планирана за вторник во Брисел, по состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, и се очекува да започне во околу 18 часот.

По конференцијата е планирана и заедничка прес-конференција. Се очекува премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, европската комесарка за проширување Марта Кос и заменик-министерката за европски прашања на Кипар, Марилена Рауна да се обратат на јавноста.

Поглавјето 14 се однесува на развојот и интеграцијата на транспортната инфраструктура во европската мрежа на транспортни коридори – таканаречената TEN-T мрежа (Trans-European Transport Network). Таа опфаќа клучни патни, железнички, поморски и воздушни патишта кои ги поврзуваат земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки, со цел побрз и поефикасен проток на луѓе, стоки и услуги.

За Црна Гора, ова вклучува, меѓу другото, модернизација и поврзување на главните сообраќајни правци со европските транспортни коридори, развој на пристаништата и железничката инфраструктура, како и подобрување на логистичките капацитети на земјата.

Привременото затворање на ова поглавје значи дека Црна Гора го усогласила своето законодавство и стратешки планови со правилата на Европската унија во оваа област, но неговото целосно спроведување ќе се следи до самиот крај на пристапните преговори.

„Трансевропски транспортни мрежи“ ќе биде 14-то поглавје што Црна Гора привремено го затвора во досегашниот тек на преговорите за членство во Европската Унија. Овој чекор во Брисел се толкува како продолжување на динамиката на преговарачкиот процес и сигнал дека земјата постигнала дополнителен напредок во процесот на европска интеграција.