Protesti-u-Podgorici-demonstracije-u-Crnoj-Gori-Podgorica-Crna-Gora-2-620x350

Црногорската полиција соопшти дека планираниот за вечерва протест на опозицискиот Демократски фронт е одобрен, но предупреди дека се можни инциденти, информира националната телевизија РТЦГ.

Протестот ќе почне во 19 часот по локално време и може да трае најдоцна до недела во шест часот изутрина, соопшти полицијата.

Вчера претседателот Филип Вујановиќ ги повика организаторите на протестот да се погрижат демонстрацијата да протече мирно, без загрозување на јавниот ред и мир и без да ја нарушува слободата и правото на останатите граѓани.

Дел од црногорската опозиција, обединета околу Демократскиот фронт, кој протестира веќе 20 дена, и даде на Владата рок до сабота да поднесе оставка, заканувајќи се со проширување на протестите.

Премиерот Мило Ѓукановиќ соопшти дека владата по сериозно разгледување на барањата на опозицијата одлучила дека нема основа да поднесе оставка и има легитимно право да ја продолжи работата.

Во меѓувреме, црногорските социјалдемократи одлучија да излезат од Владата на Ѓукановиќ, а нивната одлука беше донесена во пресрет на протестите на опозицијата закажани за 19 часот, на кои ќе се бара оставка од премиерот, формирање преодна влада и распишување избори.

Социјалдемократската партија на Црна Гора соопшти дека коалицијата „Европска Црна Гора“ повеќе не функционира откако ДПС на Ѓукановиќ неодамна одби смена на министерот Вујица Лазовиќ и Иван Брајовиќ.

– Претседателството на СДП констатира дека по договорот на ДПС со кој, спротивно на втемелените принципи на изборната демократија и коалициското функционирање, воспоставувае политичка корупција на ниво на влада и Парламент, коалицијата „Европска Црна Гора“ суштински повеќе не функционира“, се наведува во соопштението на СДП.

– Претседателството на СДП ги поддржува сите напори кои неговите претставници во Собранието и Владата ги вложија на уважување на европските вредности и постигнување широк консензус за подготовка и спроведување фер и слободни избори, се заклучува во соопштението. /MИA

Слични содржини