Црноморската иницијатива за безбеден извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море автоматски ќе биде продолжена откако ќе истече на 18 март доколку нема забелешки од инволвираните страни, пренесе денеска „Ројтерс“, повикувајќи се на руските медиуми.
Неименуван извор запознаен со деталите од преговорите за договорот изјави за руската новинска агенција ТАСС дека досега ниту една од инволвираните страни не навестила повлекување.
Русија во понеделникот предложи договорот, кој овозможува безбеден извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море, да биде продолжен, но само за 60 дена од неговото претходно обновување, што е половина од рокот поставен од Црноморската иницијатива, додека Обединетите нации ветија дека ќе сторат се што можат за да се осигура дека договорот ќе остане непроменет.