Во текот на вчерашниот ден активни биле шест пожари на отворен простор и сите се изгаснати. Гореле сува трева и ниска вегетација, шума, отпадоци и слично, а најголема површина изгорела во Општина Богданци, каде што пожарникарите гаснеле два пожара, кај селото Стојаково и кај село Ѓавато, информираат од Центарот за управување со кризи.
– Конкретно, пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Гевгелија во период од 13:50 до 16:00 часот, интервенирале на запалена ниска вегетација и ниска шума кај с.Стојаково. Во гаснењето на пожарот интервенирале два пожарникара со едно противпожарно (ПП) возило. Од огнот била зафатена површина од 5 хектари. Речиси во истиот период друг тим, а во ист состав, поточно во период од 14:00 до 16:00 часот, интервенирал за гаснење запалена ниска вегетација и ниска шума во с.Ѓавато. Била зафатена површина од два декари, појаснуваат од ЦУК.
Другите пожари на отворено, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), биле изгаснати, во Општина Кисела Вода, кај с.Усје; Општина Прилеп, на просторот над Касарната во Прилеп и кај с.Алдинци; Општина Штип, близу градот гореле отпадоци и во Општина Битола, кај с.Лознани.