На грчкиот остров Санторини околу 9.000 луѓе заминаа со траекти и авиони, барајќи засолниште поради зачестените земјотреси. Последниве денови биле регистрирани стотици потреси на секои неколку минути, што ги натера властите да ги затворат училиштата до петок. Според Атинскиот геодинамички институт, најсилниот забележан земјотрес бил со јачина од 4,9 степени, а сеизмолозите предупредуваат дека оваа интензивна сеизмичка активност може да трае со денови или дури со недели.
Од 1 февруари, повеќе од 60 потреси над 4 степени според Рихтеровата скала биле регистрирани, предизвикувајќи стравувања за можни големи финансиски загуби, особено во пресрет на туристичката сезона. Некои научници сметаат дека потресите се резултат на подигањето на магмата кон површината, што би можело да доведе до силен земјотрес или дури до појава на нов вулкан.
Колку што е сериозна состојбата, покажува и можноста за целосна евакуација на островот, прашање за кое денес ќе одлучува кризниот штаб. Сеизмолозите признаваат дека се соочуваат со феномени што никогаш досега не ги забележале во својата пракса, бидејќи потресите се случуваат речиси на секои пет минути.
Покрај опасноста од нови потреси, постои и ризик од цунами, иако не се очекува да биде толку разорно како она од 1956 година.