Цветковиќ: Пет пратенички секојдневно беа на тапет, со повици да се силуваат и да се полеваат со катран оти го поддржале внесувањето на Законот за родова еднаквост во Собранието

од Nikola Popovski
435 прегледи

Осми март е Меѓународен ден на жената. Главно се одбележува со подарок за најблиските од женскиот пол, но историјата на овој празник кажува дека треба да потсетува на унапредување на права на жените. На многумина денот на жените им изгледа старомодно, но ако ја погледнеме вистината во очите ќе видиме дека сè уште се на првиот чекор. Можеме да видиме примери при вработувањето на жените, кога се соочуваат со прашањето на работодавачот „дали планираат да раѓаат деца“. Нивните машки колеги имаат поголема плата и само мал број жени го обработуваат својот целосен работен век. За насилството врз жените и да не зборуваме. И денес се поставува прашањето за женската положба и еднаквоста.

Ирена Цветковиќ од НВО Маргини во разговор за „Локално“ вели дека родовата еднаквост во политичката реалност веќе некое време е „боза“. Според неа, имаме ситуација во која речиси и да не постои политичар или политичарка кој што не се залага за родова еднаквост, а паралелно имаме состојби кои покажуваат продлабочување на нееднаквостите.

-Ако земеме дека токму функционерите и власта се задолжени за да ја поправат ситуацијата, можеме да заклучиме дека нема вистинска посветеност на родовата еднаквост во земјата, освен декларативно. Ова се комплицира со појавата на антиродовите иницијативи и групи кои што застапуваат за уназадување на овие прашања. Гледаме мобилизација која што е политичка за уназадување на родовата еднаквост, истакнува Цветковиќ.

Појаснува дека прашањето на родовата еднаквост не може да биде врамено исклучиво во прашање на правата на жените. Во таа смисла, додава Цветковиќ, ние легислативно имаме добра рамка – немаме закони кои што им забрануваат на жените да учествуваат во различни текови, но проблемот е кога родовата еднаквост е исклучиво на прашање на права.

-Легислативно бевме добри и гледавме напредок, се додека не се случи регрес преку иницијативите за неусвојување на Законот за родова еднаквост. Ако ја разберете женската и феминистичката борба, не само како борба за права, туку и за слобода, достоинство, менување на светот и хегемонијата, тогаш би рекла дека ние немаме многу со што да се пофалиме, но затоа имаме многу што треба да не загрижува, објаснува соговорничката.

Цветковиќ информира дека жените се недоволно вклучени во јавниот живот, но да речеме дека имаме нагорна линија. За неа, проблемот е што самото вклучување во јавниот и политичкиот живот треба да биде само еден чекор во политичката борба на жените.

-Имаме насочна потреба од жени и мажи кои ќе се борат за родова еднаквост. Ние имаме активни жени во политиката – во Собранието гледате дека жените се подеднакво активни на говорницата со мажите. Сепак, за жал, жените политичарки кои се посветени на родовата еднаквост, во последните години се соочени и беа мета, не само на говор на омраза, туку и повици за насилство кон нив. Тие се силни жени и можат да ги издржат овие удари, но она што е опасно е што ниту една идна политичарка и млада жена која што сака да влезе во политика, нема да сака да се занимава со овие прашања. Имаме пет пратенички во Собранието кои секојдневно беа на тапет, со повици да се силуваат, да се полеваат со катран или да се убијат на плоштад затоа што го поддржале внесувањето на Законот за родова еднаквост во Собранието. Неиздржливо е да го издржите притисокот од средината и тука е одговорноста на политичките партии, предупредува граѓанската активистка.

Според Цветковиќ, кај нас се уште има поделба на „машки“ и „женски“ професиии затоа што живееме во патријархат и се додека е така, ќе имаме поделби на однесувања, мисли, практики, емоции и слично.

-За мене феминизмот отсекогаш било политичко движење кое треба да се бори против капитализмот. Оттука вклучувањето на жените во пазарот на труд не е доволно цел само по себе. Ние имаме текстилна индустрија каде жените се многу вклучени, па гледате што се случува. Оттука, феминистичката борба е борба не за оправдување на систем кој што експлоатира и угнетува, туку креирање на борба која што ќе значи демонтирање на тој систем и креирање на нов поправичен кој што е заснован на идејата за еднаквост и грижа за другите, заклучува членката на коалицијата Маргини.

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистираше социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири. Празникот е утврден на предлог на славната германска политичарка и борец за човекови права Клара Цеткин.

Н.П.

Слични содржини