Цветковски: Ќе продолжам да работам чесно и одговорно со визија за иднината во Лозово

Како што посочи, се што е ветено досега е реализирано во повеќе области, како во образованието, така и во инфраструктурата.

од Бисера Трајковска
9 прегледи

Ќе продолжам да работам чесно и одговорно, со визија за иднината во општина Лозово за да младите останат, а возрасните живеат достоинствено, посочи денеска кандидатот за градоначалник на Лозово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски.

Тој на настанот што се одржа во Општина Лозово, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември, истакна дека ќе продолжи со иста енергија, со иста решителност и со уште поголема љубов кон Лозово.

-Ветувам дека нема да застанам, ќе продолжам со иста енергија, со иста решителност и со уште поголема љубов кон нашето Лозово. Јас реализирам и тоа е суштината на се што не разликува, затоа да бидеме искрени разликата помеѓу нас и нив е јасна како ден, тие зборуваат јас работам, тие ветуваат јас исполнувам, додека тие ја гледаат општина како плен, јас ја гледам како дом, дом за сите нас,  додека тие мислат на лична корист, јас мислам на заедничка иднина, рече Цветковски.

Како што посочи, се што е ветено досега е реализирано во повеќе области, како во образованието, така и во инфраструктурата. Напомена дека ќе продолжи по истиот пат на развој за напредок на општина Лозово.

– Нашиот збор вреди и затоа што нашиот збор е даден пред народот, а не во темни договори, секое кажано нешто сме го претвориле во дело, кога рековме дека ќе има пат го направивме, дека ќе има улици ги реализиравме, кога ветивме дека ќе има  бесплатен оброк за децата од нашето училиште, бесплатна градинка, екскурзии, стипендии, канализации, инфраструктура,  тоа не остана на хартија, тоа стана реалност. Затоа кога велам нашиот збор вреди тоа не е празна реченица, тоа е потврда, доказ што го гледате секој ден. Продолжуваме кон патот што води до победа, развој и достоинствен живот на сите. На 2 ноември секој од вас треба да го направи својот избор, сите заедно да гласаме за бројот 9, изјави Цветковски.