Д-р Арсенков: Поддршката на здравството од приватниот сектор е важна во услови на пандемија

од Vladimir Zorba
478 прегледи

Впечатокот дека клиниката е во постојана реконструкција не е далеку од вистината, но морам да потенцирам дека во ниеден момент од таа долготрајна реконструкција, болницата никогаш не престана со работа и прифаќање на пациенти. Во тек е разгледување на можноста за продолжување на реконструкцијата преку проектната единица од Министерството за здравство, со што би се комплетирала и санацијата на преостанатите болнички соби и оперативниот блок, вели Д-р Љубе Арсенков, директор на универзитетската болница за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје во разговор со „Локално“.

Потенцира и дека моменталната состојба во болницата е драстично подобрена со помош на многуте донации од страна на општествено одговорни компании и индивидуалци.

– Секојдневното функционирање на клиниката е драстично подобрено, а несомнено е подигнато и нивото на третманот на пациенти, особено оние кои имаат потреба од мултимодален третман, истакнува тој.

Вашата болница во пандемијата беше една од ретките клиники која ги презема другите пациенти, особено во делот на оперативни зафати. Како го надминавме овој притисок?

– Како резултат на пандемијата, Универзитетската болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ мораше да преземе поголем број на пациенти кои имаат потреба од хируршки интервенции, а не се Ковид позитивни, согласно препораките од Министерството за здравство. Нашиот медицински персонал со својата стручност и посветеност успешно се справува со овој зголемен притисок и успеавме да пружиме соодветна медицинска нега на сите наши пациенти. Покрај зголемениот број на пациенти со хируршки болести, нашата установа третираат и Ковид позитивни пациенти, кои од различни причини не можеле да бидат згрижени во другите здравствени институции.

И покрај ваквата сложена состојба, медицинскиот персонал максимално внимание посветува на заштита на пациентите и персоналот од трансмисија на вирусот со активна употреба на средства за лична заштита, но и со редовна дезинфекција на просториите согласно протоколите. Досега немаме ниту еден докажан случај на трансмисија на вирусот помеѓу пациентите, или од персоналот на пациентите и обратно. Нашиот колектив продолжува да работи посветено во интерес на пациентите.

Се зголеми ли бројот на операции во текот на пандемијата?

– Морам да нотирам дека и пред пандемијата ние работевме со максимален капацитет. Бројот на оперативни зафати го диктираат бројот на оперативни сали и болнички кревети, а со години наназад ние работиме со максимална искористеност на истите. Она што се промени во текот на пандемијата е типот на случаи кои ги третираме и тежината на истите. Најголемиот дел од случаите се итни случаи, кои како такви претставуваат особен предизвик за третман.

Сепак, морам да нагласам дека она што е драстично зголемено е бројот на амбулантски прегледи. Околу 10.000 прегледи на месечно ниво се изведуваат во нашиот поликлинички дел, а најголемиот дел од тоа се пациенти кои имаат и потреба од понатамошна дијагностика на одделенијата за радиологија и биохемиската лабораторија.

Градската хируршка болница Св. Наум Охридски постојано се реновира. Се подобрија ли условите за пациентите и за персоналот со овие зафати?

– Впечатокот дека клиниката е во постојана реконструкција не е далеку од вистината, но морам да потенцирам дека во ниеден момент од таа долготрајна реконструкција, болницата никогаш не престана со работа и прифаќање на пациенти. Во тек е разгледување на можноста за продолжување на реконструкцијата преку проектната единица од Министерството за здравство, со што би се комплетирала и санацијата на преостанатите болнички соби и оперативниот блок.

Од друга страна, треба да се потенцира и дека моменталната состојба во болницата е драстично подобрена со помош на многуте донации од страна на општествено одговорни компании и индивидуалци. Благодарение на донацијата од Цементарница УСЈЕ, со комплетирањето на нашата сала за конференции и заедничките простории, се доби нешто што недостасуваше во клиниката во изминативе две децении. Овој простор е наменет за медицинскиот персонал и во овие услови на зголемен обем на работа ни овозможува подобра координација.

Благодарение на тоа, секојдневното функционирање на клиниката е драстично подобрено, а несомнено е подигнато и нивото на третманот на пациенти, особено оние кои имаат потреба од мултимодален третман. Сала за конференции има и огромно значење за иднината на целокупниот здравствен систем, поради тоа што УКХБ „Св. Наум Охридски“ е наставна база на Медицинскиот Факултет во Скопје, а таа просторија се користи за одржување на предавања и вежби на голем број студенти кои во текот на академската година се едуцираат во оваа установа. На таков начин станува јасно дека од оваа донација на Цементарница УСЈЕ долгорочна полза ќе имаат не само вработените во установата, туку и сите сегашни и идни пациенти во државата.

Редакција Локално

Слични содржини