Д-р Злате Мехмедовиќ: За нас во Движењето ЗНАМ здравјето не е трошок-туку инвестиција

од Симе Стоиков
215 прегледи

Денеска д-р Злате Мехмедовиќ, кандидат за пратеник во ИЕ 2 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, одржа прес конференција на која претстави дел од мерките за подобрување на состојбата во здравството, предвидени со програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ за претстојните парламентарни избори.

Мехмедовиќ рече дека е дојдено времето да се стави крај на дисфункционалниот здравствен систем на кој изминатите години приоритети му беа крпењето на финансиските дупки од лошиот менаџмент во клиниките, набавката на медицинска опрема, како и непропорционалното и неправедното зголемување на платите на здравствените работници кои работат на различни нивоа на здравствена заштита.

„Крајно време е да понудиме иновативни и остварливи решенија за модерен здравствен систем. Наместо крпеници ние знаеме како да изградиме функционален систем во кој нема да има потреба од јавувања, интервенции, врски или подмитување за да се добие здравствена услуга“, рече тој.

Мехмедовиќ потенцира дека за да се подобри здравствената заштита е потребно да се зголеми превенција на болести и промоција на здравјето, за што ќе е потребен посилен ангажман на севкупниот здравствен систем, но пред се со ангажманот здравствените работници во примарната здравствена заштита. Тој додаде дека покачувањето на платите на докторите за 30 проценти, а платите на сестрите за 50 проценти е една од мерките. Покрај тоа ќе се создадат услови за работа, но и враќање на чувството на безбедност кај здравствените работници.

Д-р Мехмедовиќ исто така рече дека е предвидено и проширување на позитивната листа на лекови, а ќе се обезбеди и современа терапија, која ќе биде лесно достапна за пациентите.

„Она што му е потребно на здравството, покрај наведеното, е дигитализацијата за да можеме со еден клик да видиме што сме направиле, каде грешиме, што треба да поправиме, кому најмногу му требаме и дали некого сме заборавиле. Ветувам дека ќе имаме проактивен систем, а не реактивен! Болестите ќе ги видиме уште пред да се случат и ќе ги превенираме, ќе се бориме за повеќе здравје и помалку болести“, рече д-р Мехмедовиќ и додаде: -Ние здравствените работници и пред се системот постоиме поради вас граѓаните и ние сакаме заедно со вас да седнеме на маса и заедно да ги решаваме проблемите“.

На крајот д-р Мехмедовиќ потенцира дека:

„За нас во Движењето ЗНАМ здравјето не е трошок-туку инвестиција, затоа што ние знаеме дека богатите земји пред да станат богати станале здрави, а знаеме и како тоа го направиле. Гласот на овие избори даден за Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија е глас за нашето и здравјето на нашите поколенија“.

Слични содржини