На 14 април 2014 година во Чибук, североисточна Нигерија, беа киднапирани над 200 ученички. И до денес нема ни трага од нив. Адријан Кришна ги посети родители на киднапираните и наиде на многу очај, но и на извонредна сила.
Лавал Емос ги затегнал тупаниците и е цврсто решен да не заплаче, кога зборува за Комфорт. “Таа беше добра девојка. Целоумна и секогаш подготвена да помогне”, вели Емос. Комфорт е неговата 17-годишна ќерка, која пред една година беше киднапирана од училиштето во Чибук. Во меѓувреме Емос го напуштил селото и избегал, заедно со својата жена и петте други деца, во оддалечениот на 270 километри град Јола. Ослабел во последните месеци. Поранешниот земјоделец нема како да се справува со земјоделското земјиште, додека живее во градот. Неговото семејство преживува благодарение на спорадични донации од пријатели и од Црвениот крст.
“Постојаниот плач им здосади”
“Дали имате слика на Комфорт”, прашувам, а таткото почнува да плаче. “Секогаш кога гледам нејзини фотографии, моите солзи едноставно стануваат незадржливи”, вели тој. Затоа ги оставил сите слики на ќерка во Чибук.
По трет пат по киднапирањето на ученичките посетувам Јола во североисточна Нигерија. И по трет пат отворам незараснати рани, кога разговарам со родителите на девојчињата. Луѓето плачат, јас снимам и чувствувам непријатност. Лавал Емос познава 12 мајки и татковци кои починале по киднапирањето на нивните деца. “Постојаниот плач и мислите за нивните ќерки ги умори”, вели тој. Емос и жена му често се обидуваат да мислат дека би било подобро ако знаеја дека нивната ќерка е мртва.
“Изгубив доверба во политичарите. Тие ништо не завршија. Само Бог може да ни помогне да ги најдеме – живи, или мртви. А нашата влада ги заборави”, вели мајката. Три недели по киднапирањето во април 2014 година исламистичката терористичка група Боко Харам ја презеде одговорноста за киднапирањето. Веќе 6 години групата врши убиства, претежно во североисточна Нигерија.

Првично исламистите се бореа против корумпираната држава, но во меѓувреме нивните цели стануваат нејасни. Илјадници селани беа убиени во нападите на Боко Харам, како христијани, така и муслимани. Лидерот на групата Абубакар Шекау се огласи во една од конфузија говори дека киднапираните девојки требало да бидат продадени како робови.
Протести, помошни акции, објава на војна
Следеа меѓународни протести. Низ целиот свет луѓето излегоа на улиците во заштита на девојчињата од Чибук. Бројни луѓе од целиот свет се приклучија на акцијата на Твитер: “Вратете ги нашите девојки назад!”. Соседните држави на Нигерија прогласија војна на Боко Харам, а САД испратија воени советници во земјата. На 26 мај командант на вооружените сили на Нигерија Алекс Баден објави дека е познато каде се наоfа на девојките, но евентуалната операција за ослободување би била премногу ризична. Три месеци по киднапирањето, претседателот Гудлак Џонатан со неговата сопруга за прв пат се сретна со родителите на киднапираните девојки.
“Тогаш тој рече дека по три недели девојките ќе се вратат кај нас. И уште дека Владата требало да ги поправи сите уништени училишта во регионот. Трите недели поминаа, поминаа и многу месеци и ништо не се случи”, вели Лавал Амос. Наместо тоа речиси секој ден Боко Харам напаѓа села. Армијата изгледа немоќна. Странските новинарите можат да посетуваат областите на воените дејствија само со посебна дозвола од армијата, но армискиот портпарол не сака никакви странски новинари. Никогаш не се ни допушта до Чибук. И сега е така. А претседателот на земјата така и не направил труд да го посети селото лично.
Во средината на октомври, командантот на армијата Алекс Баден повторно имаше прес-конференција. Тој рече дека бил потпишано примирје, и дека девојките ќе бидат ослободени. Уште лага. Непосредно пред изборите нигериската армија започна изненадувачка офанзива и оттогаш Боко Харам напаѓа. Многу нигериски државјани веруваат дека совпаѓањето на офанзивата со изборната борба не била случајна. “Довербата кон армијата никогаш не било пониска отколку сега”, вели новинарот од градот Јола – Умар Фарук Ваба-Ина.

Постепено замолкнаа и активностите на интернет. Сè помалку луѓе во Нигерија излегуваат на улиците за заштита на киднапираните девојки. Многу аналитичари сметаат дека највисоките воени структури се збогатуваат лично од големиот буџет за безбедност и немаат интерес од завршувањето на конфликтот. “Новоизбраната влада на претседателот Мухамаду Бухари има да заврши многу работа за да ја врати довербата во политичарите и војската”, вели новинарот Умар Фарук Баба-Ина.
“Треба да сме реални” …
Опозициската партија на Мохамаду Бухари освои убедлива победа токму во регионите што се сметаат за упоришта на Боро Харам. Лавал Емос исто гласал за поранешниот генерал, кој вети дека ќе ги декласира терористите само за 6 месеци. Политикологот од градот Јола Едгар Амос сепак не верува дека Бухари ќе ги ослободи киднапираните девојки. “Помина цела година од киднапирањето. А девојките се во рацете на бескрупулозните и брутални терористи кои вршат злосторства против невини луѓе. Треба да сме реални. Тешко може да се тврди дека ќе ги откриеме сите девојки живи и здрави”, вели тој.
Верува ли таткото на Комфорт дека неговата ќерка ќе се врати дома? Претпочитам да не му го поставувам ова прашање. “Ви благодариме што повторно ќе информирате за нашата ќерка. Тоа е од големо значење за нас. Не смееме да ги заборавиме нашите девојки!”, Вели тој на збогување. Чувствувам одредено олеснување. Емос не ме обвинува дека се допирам до болна рана. Неговите очи емитуваат оптимизам, а ракувањето му е цврсто. И една година по киднапирањето, тој не ја изгуби онаа восхитувачка сила од која ќе има потреба во наредните недели и месеци, а можеби дури и години.
