Дачиќ: Потребна е мудрост и политичка волја за да ги надминеме предизвиците со кои се соочува ОБСЕ

од Radmila Tasevska
276 прегледи

Потребна е мудрост и политичка волја за да ги надминеме предизвиците со кои се соочува ОБСЕ, порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во обраќањето на Министерскиот совет на Организацијата во Скопје.

Дачиќ нагласи дека војната во Украина довела до деградација на довербата, а ОБСЕ се соочила со најголемите проблеми досега поради неможноста да се постигне консензус за клучните прашања за нејзиното функционирање.

-Уверен сум ќе направиме исчекор и ќе покажеме дека сме една од ретките мешовити организации, која е способна успешно да се соочи со сите предизвици, рече Дачиќ.

Нагласи дека Србија останува посветена на таа цел и оти ќе остане конструктивен партнер, кој ќе пружа зајакнување на капацитетот на ОБСЕ.

Тој во својот говор се осврна и на Косово, велејќи дека положбата на Србите таму, никогаш не била потешка. Додаде дека тие се соочуваат со различни видови дискриминација и неизвесност,  а како проблеми ги наведе правото на гласање и учеството на парламентарните избори во Србија.

Дачиќ нагласи дека Србија останува посветена на процесот на дијалог за спорот со Приштина, кој се води под покровителство на ЕУ, како и на членството во Унијата, како главен надворешно политички приоритет.

-Во однос на приемот на Косово во ОБСЕ би ве замолил кога говорите за територијалниот интегритет да имате предвид дека тоа е универзален принцип, кој важи за сите, рече Дачиќ, кој додаде дека Југославија била државата со шест федерални единици, а не седум.

Ако веќе го осудувате кршењето на територијалниот интегритет во други земји, рече Дачиќ, бидете искрени и немојте отворено да го легализирате кршењето на територијалниот  интгеритет на Србија на еден ваков собир.

– Што се однесува до Косово, тоа е составен дел на Србија и без договор со Србија не може да се крши меѓународното право. Исклучително го почитувам територијалниот интегритет на Украина и давам се од себе тој да се чува, но немојте да не наведувате на заклучок дека територијалниот интегритет на Србија е помалку важен за Европа и ОБСЕ, додаде Дачиќ.

Слични содржини