Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска во Тирана, каде што учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, изјави дека Србија цврсто го штити својот територијален интегритет и суверенитет, додека Косово ја користи секоја можност да покаже секаде каде што може со помош на своите сојузници дека го има тоа што го нема – меѓународно признавање.
Дачиќ изјавил дека не сака да учествува на групна фотографија со другите министри од Берлинскиот процес пред знамето на Косово, бидејќи Србија не го признава, пренесе Косово онлајн.
„Учествуваме во Берлинскиот процес, кој е статусно неутрален. Од наша страна се беше во ред кога станува збор за средбата и местото каде што се одржа, но јас не сакав да учествувам на групната фотографија пред Косовско знаме, бидејќи Србија не го признава. Србија го почитува својот територијален интегритет и суверенитет, а јас како министер за надворешни работи немам право да ги газам основните политички позиции утврдени од државата“, изјави Дачиќ.
Тој посочи дека сите овие средби не се лесни и дека следната недела ќе се одржи самитот на Берлинскиот процес, на кој многу земји сакаат „на соседите да им биде полошо“, а ги повика сите земји од регионот да бидат обединети со цел заеднички да напредуваме кон членство во ЕУ.
Додаде дека денеска во Тирана, како и претседателот Александар Вучиќ на самитот на Европската политичка заедница во Гранада, укажал на политичките ставови на Србија дека мора да се почитува меѓународниот правен поредок.