Дали е можно проширување на жариштата во Украина и Газа: „За да останеме надвор од конфликтите потребна е ладна глава, политичка мудрост и добра поставеност на безбедносно-разузнавачките служби“

од Nikola Popovski
437 прегледи

За жал и во 21 век сведоци сме на војни, тероризам, епидемии и хибридни закани. Ова реално не го очекуваа и најголемите песимисти, но еве се случува. Војната во Украина доминира во светските вести речиси две години, а од пред неколку месеци се отвори ново жариште во Газа, кое сепак подолг период е како „буре барут“. Црните претпоставки се дека и двата конфликти ќе продолжат и во 2024 година, но многу е веројатно дека ќе се водат поинаку.

Украина – Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека пролетната офанзива што ја започнаа украинските сили не беше толку успешна како што се надеваше. Војната во Украина влегува во третата календарска година, фронтот речиси не се помести во изминатите неколку месеци, а Русија сè уште контролира 18 отсто од Украина. Може ли да се промени текот на војната во 2024 година? Професорот од Факултетот за безбедност Злате Димовски во разговор за „Локално“ вели дека овој конфликт не го дефинира како војна заради повеќе причини.

Проф. Злате Димовски

-Неколку од нив се: не е објавена војна, не се зафатени териториите на двете земји во целост, туку само сегментарно, конфликтност во одредени подрачја и не атакување (со одредени исклучоци) на официјалните  државни институции во двете држави, што доколку би била војна би биле цели кои би се уништиле веднаш по започнување на конфликтот. Доколку е војна секоја страна особено Русија, ќе настојува секоја држава која би помагала или прави некакви гестови кон неа, во корист на воениот противник ќе биде попречена, опомената или нападната. Во овој конфликт, на едната страна секогаш се повеќе помагатели, на страната на Украина- НАТО, ЕУ, САД, а доколку е војна тоа може да предизвика експресно проширување на конфликтот на сите страни кои се инволвирани „свесно или несвесно“ Русија во моментот се држи до териториите за  кои тврди дека полага „сопственост“, а не го шири конфликтот на другите територии на Украина, оценува Димовски.

Од аспект на оружје, вели тој, Русија користи оружје  од свое производство, а Украина, која се покажа како доста- жилав противник, користи оружја кои и се донираат од надвор.

-Тука е и проблемот за големите загуби на завојуваните простори, затоа што тоа оружје потребно е да биде употребувано од лица кои се добро обучени и нормално ќе имаат голема количина на муниција и делови за истите. Оваа слаба страна е една во алката на постигнување на послаби резултати на боиштето, иако се донираат најсофистицирани и современи оружја од повеќе држави и НАТО, што е јавно обзнането, посочува професорот.

Според Димовски, моралот е важна карика во војувањето. Смета дека кај руските војници, кои сега се платеници, јасен е мотивот и целта, па на тоа се надоврзува и желбата за успех и добивање на голем „воен“ плен. Кај Украинците се оди на мобилизација, вели тој, која не е популарна, па се користат и повеќе платеници од сите држави во светот, но сепак кај нив овој процес на користење на „платеници“ беше задоцнет.

-Психолошко пропагандните  дејствија во услови на воени дејствија и конфликти се исто така дополнителни алатки за „успех“. На почетокот на конфликтот се блокираше едната страна, Русија, и се добиваа информации само од Украинска страна за движењето на завојуваните подрачја. Русија преку користење на поединечни или добро платени канали успеа да се наметне и позитивно да влијае на исходот на конфликтот и  дури преку добро планирани активности да влијае на загрозување на безбедносната состојба и на безбедносните случувања во нејзиното опкружување и пошироко во светот, анализира Димовски.

Дециден е дека конфликтот помеѓу Русија и Украина ќе трае до моментот на запирање на помошта за Украина и постигнување на целта на Русија да ги има под своја контрола „своите“ територии, за кои таа тврди дека живеат нејзини граѓани и се нивен дел.

-Иако на почетокот очекувавме брз развој на настаните и иницирање на воен конфликт за подобра позиција во евентуални преговори, тоа не се покажа во реалноста. Но, упорноста, и покрај многуте жртви и осуди, блокади, мерки за казнување на Русија и нејзините челници, сега укажува на решеноста да успее во својата намера. Се оди до таму да се заканува и со нуклеарна интервенција доколку затреба, а исто така ги придобива на своја страна и големите воени сили како Кина, Иран и др. Тоа значи дека решеноста на Русија е дефинитивна за остварување на успех. Тоа подразбира дека овој конфликт може да потрае, потенцира соговорникот.

Израел-Хамас

Војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа ќе трае цела 2024 година, изјави портпаролот на израелската армија во новогодишното обраќање до војниците. Тој посочи дека за продолжување на војната ќе бидат потребни десетици илјади резервисти, но дека некои од нив ќе се одморат од конфликтот за да се подготват за „долгорочни битки“.

Професор Димовски смета дека конфликтот помеѓу Израел и Хамас е интересен од аспект дека не се води помеѓу две држави туку држава кон терористичко милитантно движење. Како што објаснува, во овој конфликт најголема загуба има невиното население на двете страни, а особено на Западниот брег и Газа.

-Израел ги утврди точките на делување и сега се движи кон целите кои си ги постави, а тоа е целосно уништување на Хамас. Тоа е доста тешко, затоа што тоа не е територијално чистење на делови каде се стационирани терористички групи, туку во палестинското население настојува да препознае терористи, кои вешто се кријат и настојува да ги уништи нивните упоришта. Од друга страна Хамас покажа голема спремност, дрскост и самопреценување дека може да се бори против сила каква што е Израел.  Тие го предизвикаа конфликтот и сега невиното население ги трпи последиците од чистењето на теренот од терористите. И во овој конфликт има инволвирани државни и недржавни актери кои ги помагаат едната или другата страна, што дополнително ја разгоруваат и така вжештената состојба. Со евентуалното вклучување, формално, на Хезболах, овој конфликт претендира да се прошири на други држави и територии и да создаде уште поголеми ужаси од досегашните, тврди професорот.

Поради ваквиот тек на настаните, Димовски смета дека и добар дел од наредната 2024 година ќе слушаме за конфликти и војни, ќе гледаме ужасни сцени, човечки судбини и да се надеваме дека ќе останеме надвор од севкупните конфликтни ситуации.

-За да се постигне тоа потребна е ладна глава, политичка мудрост, добра поставеност на севкупната безбедносно- разузнавачка заедница и подготовка на воените и одбранбени сили. Тероризмот лесно се „појавува“ без посебни најави или објавување на војни, а погодените и инволвирани во конфликтите посакуваат проширување на немирната состојба и инволвирање на повеќе страни, предупредува професорот од Факултетот за безбедност, посакувајќи ваквите состојби да престанат во 2024 година и да завладее мир и благосостојба.

Н.П.

Слични содржини