Дали има причини Македонија да го врати задолжителниот воен рок: „Безбедноста како гарант на мирот чини пари, за АРМ многу поголем предизвик е опремувањето“

од Nikola Popovski
515 прегледи

Додека Русија и Украина влегуваат во третата година од војната, а конфликтот меѓу Израел и палестинската екстремистичка група Хамас се заканува да се прошири низ целиот Блиски Исток, земјите од Балканот, како и некои во Европа, размислуваат за повторно воведување на задолжителниот воен рок. Речиси истовремено Белград, Загреб и Приштина најавија враќање на воениот рок, а на истата тема се разговара и во Париз и Берлин.

Служењето на воениот рок во Македонија не е задолжително речиси 18 години, односно последната генерација што задолжително мораше да служи воен рок беше во 2006 година. Од 2011 година граѓаните што ги исполнуваат условите поставени од АРМ можат да се пријават за доброволно служење на воениот рок. Притоа, кандидатите мора да имаат наполнето 18 години, но и да не бидат постари од 26 години.

Но после толку време денес постојано се поставува прашањето – дали треба да се врати задолжителното служење на воениот рок?

Кај населението мислењата по ова прашање се поделени, едните велат дека не треба да има задолжително служење воен рок, други велат дека мора да повторно да се врати, а дел велат дека треба да има каква било обука со цел младите да се оспособат за ракување со оружје.

Дел од експертите сметаат дека ова е сериозна тема која за жал кај нас наиде на молк, но за среќа ја отворија земјите од Балканот меѓу кои и Хрватска која денес е членка на ЕУ. Националниот координатор за гранично управување и универзитетски професор, Владимир Пивоваров во краток разговор за „Локално“ вели дека ова е сериозна тема која за жал кај нас наиде на молк, но за среќа ја отворија земјите од Балканот меѓу кои и Хрватска која денес е членка на ЕУ.

Владимир Пивоваров

-Кај нас не се отвори јавна дебата, не се направи SWOT анализа за да се спротивстават предностите и недостатоците на ваков проект. Повеќе членки на NATO и ЕУ преку нивните премиери се погласно ја истакнуваат можната идна воена закана по нивните земји што сигурно се темели на аргументи и факти со кои располагаат нивните разузнавачки служби. Лично мислам дека ваквата идеја односно нејзино идно операциолизирање има многу предности не само од воен туку и од други аспекти, посочува Пивоваров.

Како што вели, мора да сфатиме дека безбедноста како гарант на мирот чини пари.

-Без пари нема безбедност, а впрочем вашата констатција дека обучените лица секако во иднина освен за воени потреби може да бидат искористени и остнати предизвици како што се масовни поплави, пожари, силни земјотреси и сл. Убеден сум од служењето на воениот рок целото општество ќе има само придобивка, дециден е националниот координатор.

Од друга страна, поранешниот министер за одбрана и поранешен специјален пратеник на Владата за НАТО интеграции во Брисел, Лазар Еленовски оценува дека задолжителниот воен рок е надминат концепт бидејќи самиот карактер на модерното војување е драстично сменет под влијание на технолошката револуција на која сме сведоци последните 40 години. Истакнува дека тој се базираше на концептот на територијална одбрана и тој концепт доминираше со векови и претпоставуваше употреба на што побројна воена сила за да се постигне исполнување на безбедносната цел на државата.

-Денес живееме во многу поразлично време каде технологијата се повеќе доминира во секоја пора на човечкото општество вклучително и одбраната и безбедноста. Остварувањето на безбедносните цели на државата денес е незамисливо без употреба на широкиот спектар на воената технологија во буквално секој елемент на тоа што подразбира борбена готовност на оружените сили на државата, објаснува Еленовски во разговор за „Локално“.

Лазар Еленовски

Поранешниот министер посочува дека Македонија денес нема директна воена закана, но безбедноста во 21 век е многу поширока категорија во однос на минатото токму поради технологијата за која зборувавме.

-Членството во НАТО дополнително ни дава можност, но и одговорност да го согледаме комплексниот спектар на безбедносната реалност. Денес безбедносните закани се пред се асиметрични и во таа насока за да одговориме соодветно на нив ни треба професионална војска која е обучена и добро истренирана да ја користи високата воена технологија, тврди соговорникот.

За тезата што кружи теза во јавноста дека со задолжителното служење војска, би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси, Еленовски вели дека звучи нелогично бидејќи служењето воен рок подразбира добивање обука и подготовка за водење војна, што е сосема различно од гасење пожар или пружање адекватна помош при природни катастрофи.

-Притоа секако сметам дека во такви исклучителни случаи треба да се користи армијата како една организирана структура таму каде што може да помогне, но тоа е далеку од нејзината основна задача. Добар пример за кризен менаџмент се централноевропските држави, чиј модел овозможува десетици илјади граѓани да се организирани, обучени и опремени за вакви вонредни ситуации на природни или човечки катастрофи. Да се потсетиме дека и ние добивме најголема помош при пожарите пред некоја година токму од овие држави, пред се од Словенија и Австрија, смета поранешниот шеф на македонската дипломатија.

Во поглед на националниот систем за кризен менаџмент, образложува Еленовски, за жал сеуште сме неорганизирана држава, бидејќи од една страна се ресурсите што ги немаме како буџет, опрема, средства, но од друга страна ресурсите што ги имаме, како човечкиот фактор, се лошо или воопшто неорганизирани.

-На пример имаме еден голем базен на ресурси како што е 150 000-ната државна администрација, со големо мнозинство на млада и работноспособна популација, кој може да се искористи за оваа намена, да се внесат доброволно во тој систем на кризен менаџмент и да се обучат. Имаме и формирани институции како ЦУК и ДЗС чија задача е да изградат ефикасен систем на кризен менаџмент, но јас не сум слушнал ниту дека имаме релевантна национална стратегија (не препишана) врз чија основа треба цел тој систем да се изгради, вели тој.

Дециден е дека доброволното служење или професионалната војска го овозможува постигнувањето на целта за одбрана и безбедност на државатам, но само во аспектот на човечкиот фактор, иако и тука се можни одредени унапредувања во актуелната ситуација и структура.

-За македонската армија многу поголем е предизвикот околу опремувањето на нашата војска. Трета работа е оптимизирање на ресурсите кои и така се лимитирани итн. Ако продолжиме со анализата најверојатно ќе дојдеме до дебата за суштината на секоја оружена формација, а тоа е нејзината структура на сили, заклучува Еленовски.

Како е во регионот? 

Во земјите од поранешна Југославија во моментов има само професионални воени единици, а најголем дел од земјите се членки на НАТО пактот, Северноатлантската воено-политичка алијанса.

Првата поранешна југословенска република која воведе професионална армија беше Словенија, во 2003 година.

Во 2006 година, Црна Гора на референдум гласаше за одвојување од Србија, а истата година ја укина обврската за служење војска.

Таа земја стана членка на НАТО во 2017 година, а две години подоцна воведе доброволно служење воен рок.

По најавите од Белград и Загреб, министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ изјави дека враќањето на задолжителниот воен рок ќе донесе подобра кадровска екипираност и долгорочна придобивка за целиот одбранбен систем, но дека не е за тоа во моментот.

Босна и Херцеговина ја укина задолжителната воена служба во 2007 година.

Хрватска на 1 јануари 2008 година го замени задолжителниот воен рок со доброволно отслужување, но на почетокот на 2024 година повторно се покрена прашањето за задолжителна служба.

Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, изјави дека, во сегашните околности во светот, „не е лошо“ што Министерството за одбрана на Хрватска размислува да организира пократки обуки „за да може поширок број луѓе да се запознаат со основните вештини што ги немаат помладите генерации“.

Министерството за одбрана на Хрватска во писмена реакција до Би-Би-Си наведува дека се работи „на концептот за пократка основна воена обука, но дека е рано да се зборува за се друго“.

На крајот на декември 2023 година, заменик министерот за одбрана на Косово, Шемси Сиља, најави дека во 2024 година во училиштата ќе се воведе настава за одбрана и безбедност, со што ќе се олесни служењето на војската.

„Доколку учениците учат, на крајот од школувањето ќе им биде полесно да ја завршат задолжителната служба од три месеци, или според претходниот план, три месеци во зима и три месеци во лето.

„Но, барем да почнеме со тримесечен пилот проект“, рече тој тогаш.

Н.П.

Слични содржини