Дали името Чарлс навистина им носи проклетство на британските кралеви?

од Stefanija Kuzmanovska
452 прегледи

По смртта на кралицата Елизабета Втора, нејзиниот син Чарлс, поранешниот принц од Велс, стана крал во историски момент за британската монархија. Роден како Чарлс Филип Артур Џорџ, по искачувањето на британскиот трон, новиот монарх требаше да избере кое кралско име ќе го користи и го избра она по кое го знаеме.

Дали би било поинаку ако кралот Чарлс Трети одлучеше да владее под некое од неговите други имиња, како што се Артур, Филип или Џорџ?

Кралот Артур е познато име во британската историја, кралот Џорџ му бил дедо, но тоа име го носел и неговиот прадедо, додека доколку би избрал да владее како крал Филип, ќе му оддадеше почит на својот татко, принцот Филип, покојниот војвода од Единбург.

Но, Чарлс одлучил, исто како и неговата мајка, да го задржи името кое го добил по раѓањето, иако веста многумина ја дочекале со „кренати веѓи“, најмногу поради неговите претходници, британските владетели – кралот Чарлс Први и кралот Чарлс Втори, а двајцата владееле во 1600-тите години.

Двајцата „не поминаа најдобро“, поради што почнаа шпекулациите дека името носи проклетство. Но, кои беа тие?

Чарлс Први бил крал на Англија, Шкотска и Ирска од 1625 до 1649 година. Роден е во 1600 година како втор син на Џејмс Шести од Шкотска и Ана од Данска, а по смртта на неговиот постар брат, принцот Хенри во 1612 година, се качил на тронот. Уште како дете имал здравствени проблеми и морал да носи протези за нозете, кои му помагале да оди.

Целото негово владеење било обележано со конфликт со Парламентот и тоа непријателство ескалирало до граѓанските војни во Шкотска од 1637 година, во Ирска од 1641 година, а потоа и во Англија од 1642 до 1646 и 1648 година. Граѓанските немири довеле до тоа кралот Чарлс Први да биде обвинет за предавство и осуден на смрт. Неговата егзекуција, при која бил обезглавен, се случила во 1649 година пред Banqueting House во Лондон.

По неговата смрт, објавена е автобиографија со наслов „Портрет на неговото Свето Височество во неговата осаменост и страдање“, напишана од Џон Годен, која раскажува за неговото прогонство од, според неговите зборови, предавници и скоројевици. Поради сето ова, многумина го гледаа како маченик, а луѓето сè уште полагаат венци на неговата статуа на годишнината од неговата смрт.

Неговиот наследник, кралот Чарлс Втори, седна на тронот дури во 1660 година и беше на него до 1685 година. До денес, поради неговиот начин на живот, тој е познат по прекарот „среќниот и весел крал“. Кога почнал да владее, имал 30 години, а бил најголемиот поддржувач на својот татко, кралот Чарлс Први, за време на тешката граѓанска војна, правејќи напори да го спаси од егзекуција.

По смртта на неговиот татко, тој поминал повеќе од една деценија во егзил, за кое време Оливер Кромвел владеел пет години, а неговиот син Ричард Кромвел брзо ја препуштил круната. Во 1660 година, Чарлс Втори бил повикан во Лондон и вратен на тронот, а му била направена нова круна, бидејќи претходната била стопена, а таа се користи и денес.

Кралот Чарлс Втори пелтечел, исто како и неговиот татко, но бил многу омилен кај народот поради неговото шармантно однесување. Неговото владеење било обележано со забави со сеприсутен хедонизам. Во 1662 година се оженил со Катерина Браганца, но бракот не бил од соништата бидејќи кралот имал неколку љубовници, меѓу кои имало и членови на британската и француската аристократија, како и актерки од лондонската сцена.

За време на животот немал легитимни деца, но затоа имал неколку вонбрачни потомци. Во 1685 година доживеа апоплексија, која денес најдобро би ја опишале како мозочен удар и починал на 54-годишна возраст. На престолот го наследил неговиот брат Џејмс.

Слични содржини