Дали капацитетот на батеријата се намалува додека електричниот автомобил е паркиран?

од Vladimir Zorba

Сопствениците на електрични автомобили се загрижени и се запрашуваат: дали капацитетот на батеријата се намалува додека автомобилот е во мирување?

Одговорот на тоа прашање го даде Диксон Леов, генерален менаџер на австралиската компанија Infinitev, специјализирана за сервисирање на батерии на електрични возила.

Накратко, најточниот одговор е „можеби“.

„Ако навлегуваме подетално, тогаш ќе кажам дека иако автомобилот е во мирување – постои можност батеријата да губи капацитет. Доколку возилото е релативно ново, губењето на капацитетот не треба да се забележи неколку недели, на пример кога одите на одмор“, вели тој, пишува Јутарњи.

Колку батерија ќе се потроши додека автомобилот е во мирување зависи од неколку фактори, објасни Леов. Најважни се процентот на полнење на батеријата кога автомобилот е паркиран, староста на батеријата и надворешната температура.

„По правило, електричните возила губат околу еден до пет отсто од капацитетот на батериите за една година, а влошените услови го забрзуваат тој процес.

Со цел да ја одржувате здрава батеријата на вашиот електричен автомобил, паркирајте го автомобилот на место каде што температурата е умерена, по можност без директно изложување на сонце, особено во топло време. Исто така, добро е да ја полните батеријата колку што е можно повеќе.

Ако сте загрижени за здравјето на батеријата на вашиот електричен автомобил – на пример, ако не се полни целосно или ако се полни подолго од вообичаено – контактирајте со вашиот застапник бидејќи повеќето сервисни центри можат да извршат дијагностички тест што открива губење на целокупниот капацитет.

Повеќето електрични автомобили имаат гаранција за батеријата која трае осум години или 160.000 km и гарантира дека вашата батерија ќе задржи минимум 70 проценти од капацитетот на батеријата во тој период. Ако капацитетот на батеријата падне под тоа ниво во гарантниот период, можеби ќе можете бесплатно да ја замените батеријата, изјави Леов за Australia’s Drive.

Слични содржини