Дали некој намерно местел тендер? Антикорупциска со иницијатива за кривично гонење против јавно комунално претпријатие!

од Марта Пешевска
29 прегледи

На 19-та седница на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) беше донесена одлука за поднесување иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против едно јавно комунално претпријатие, поради сомнежи за незаконски постапки при јавни набавки поврзани со третман на депонија опожарена во минатото.

Според членката на Комисијата, Билјана Каракашова Шулев, подносителот на пријавата навел разлики во цените за набавки во 2021 и 2022 година, иако се работело за идентични спецификации. ДКСК утврдила дека во постапката во 2021 година биле елиминирани понуди поради технички причини, кои можеле да бидат надминати доколку биле побарани дополнителни информации од понудувачите — како што било направено една година подоцна. Ова, според Комисијата, укажува на можно кршење на начелата за фер конкуренција, еднаков третман и недискриминација.

Исто така, постојат сомнежи дека во тендерската документација од 2021 година биле наведени технички барања за производи кои реално не постојат на пазарот, а од документацијата не може со сигурност да се утврди што било реално испорачано.

Во друга пријава, поднесена против директор на Казнено-поправна установа, се тврдеше дека исплаќал плата на лица кои не доаѓале на работа и злоупотребувал боледувања. По вонредна инспекција од Државниот инспекторат за труд, не биле утврдени прекршоци, па Комисијата го затвори предметот.

Комисијата ги разгледа и следните случаи:

Недоставување на имотна состојба: Против директорите на Општата болница Куманово и Здравствениот дом Куманово. Утврдено е дека првиот директор ја доставил потребната документација, додека вториот не бил официјално именуван, туку само овластен. Затоа, предметот е затворен.

Случај на денационализација: Подносителите се жалеле за предолго чекање на решение по барање поднесено во 2007 година. По проверка, ДКСК утврди дека Комисијата при Министерството за финансии, во 2025 година, донела позитивно решение и го вратила имотот на барателите. Предметот е затворен.

Наводи за незаконско богатење: Против началник за економски криминал од Македонски Брод, се тврдело дека несразмерно го зголемил својот имот, примал пари од странство и изнудувал пари од осомничени лица. Комисијата утврди дека овие прашања се во надлежност на други институции, како што е МВР, и нема елементи за понатамошно постапување.

Судија обвинет за злоупотреба: Против судија од Основен суд беше поднесена пријава за сомнително постапување во судски предмети. Комисијата утврди дека нема надлежност за вакви случаи и го пренасочи предметот до Судскиот совет.

Полициски службеник осомничен за насилство и злоупотреба: Се тврдело дека полициски службеник, сопственик на угостителски објект, малтретирал граѓани, користел службено оружје надвор од работно време и бил поврзан со пожар во неговата околина. Комисијата потврди дека за ова веќе постапува Јавното обвинителство и нема потреба од нивна интервенција.

Антикорупциската комисија разгледуваше и други случаи поврзани со судии и полициски службеници, но и за нив беше утврдено дека нема основ за постапување поради недостиг на надлежност или елементи за сомнеж.

Со овие заклучоци, ДКСК продолжува со својата мисија за борба против корупцијата и обезбедување на отчетност и транспарентност во институциите.

Слични содржини