Дали политиката се вмеша и во спортот? „На длабоката држава во Софија ѝ одговара македонскиот и бугарскиот народ да бидат во постојана омраза“

од Nikola Popovski
965 прегледи

За разлика од лани кога без проблеми мина македонско-бугарскиот двомеч меѓу Македонија ЃП и ЦСКА Софија, ова лето прилично тензично заврши првиот дуел од македонско-бугарската пресметка меѓу Шкупи и Левски од Софија. Епилогот од синоќа е 21 приведен навивач, од кои 19 бугарски државјани, при што беше избоден со нож и еден фан на софиските „сини“. Се добива впечаток дека поради влошените односи меѓу двете земји, секоја меѓусебна пресметка на спортски план добива на жестина и се друго е во прв план, освен спортот. Оттаму прашањето дали политиката ги засенува спортските настани меѓу тимови од двете соседни земји?

Марјан Ѓорчев

Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев смета дека ваквите хулигански инциденти се случуваат низ цела Европа и не смета дека треба да се бара политика во она што се случи синоќа.

Тоа е работа на клубовите и спортските федерации кои не ги негуваат своите навивачки групи. Инциденти има постојано во повеќе европски земји. Пораката е дека нема доволно преземени мерки за ограничување на групите и издвојување. Треба поголема акција на безбедносните органи. Затаи организаторот на средбата, порачува Ѓорчев во разговор за „Локално“.

Сепак оценува дека политиката е навлезена во фудбалот.

Треба едукации на навивачките групи и консултации. На никој не му одговара, посебно на државите кои трошат на обезбедување и полиција, појаснува Ѓорчев.

Со оглед на тоа што вчера можевме да забележиме говор на омраза од страна на бугарските навивачи насочен и кон Албанците, соговорникот ни рече дека навивачите на Левски и на ЦСКА Софија, исто како и фановите од Македонија се однесуваат со вулгарности и дека секаде се истите.

Излезени се од колосек и контрола. На никому не му оди во прилог. Нема етнички мотиви, секаде е исто од секој агол на гледање. Можеби потфрливме во делот на организацијата. Не треба да се гледа овде политика. Таквите испади и дивеење треба да го загрижат општеството и во кој правец се движи, дециден е Ѓорчев.

Благојче Атанасоски

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во разговор за „Локално“ вели дека фудбалскиот натпревар беше од висок ризик, најмногу поради наектрелизираната политичка ситуација помеѓу Бугарија и Македонија во последните неколку години. Истакнува дека навивачите секаде низ светот, особено на Балканот се радикали со лесно запаливи глави.

Морам да напоменам, дека целиот натпревар беше искористен и за политички цели, односно параполициски структури во Бугарија го (зло)употребија како инструмент со кој повторно ќе ја напаѓаат Македонија, што е елементарно и смешно бидејќи во суштина претставуваше за навивачка пресметка помеѓу Бугари и Албанци на територијата на Македонија. Во спортската пресметка победија Бугарите, во таа физичката видовме како „пројдоа“ бугарските навивчи кои провокаторски отидоа низ улиците во Општина Чаир, посочува Атанасоски.

Во однос на тоа дали овој конфликт е политички мотивиран пред клучните процеси како уставните измени кои што претстојат, аналитичарот оценува дека цели четири години, подземни агентурни, параполициски, воено-разузнавачки и безбедносно провокаторски структури го водат напрежението помеѓу Македонија и Бугарија.

Секој конфликт е смислен, креиран, реализиран и потоа теленасочуван од „длабоката држава“ во Софија, која е командувана од Кремљ, и длабоката држава во Скопје, командувана од подземен Белград. На тие две линии на геополитичката спротивност на НАТО и ЕУ им одговара ваквиот развој на настаните во односите помеѓу двете држави и упорно работат на постојани конфликти и тензии, со крајна цел Македонија никогаш да не влезе во ЕУ, а македонскиот и бугарскиот народ да бидат во постојана перпетуирачка омраза, смета Атанасоски.

За вчерашниот инцидент во Чаир и упатените навредливи пораки и говорот на омраза кон албанското население од страна на софиските навивачи, Атанасоски истакнува:

Искрен да бидам, кога го гледав видеото низ улиците низ Чаир, ми се направи ќеиф на душата. Радикализираните бугарски навивачи, кои „смело“ сметаа дека провокаторски ќе се прошетаат низ тврдината на ФК Шкупи,а тоа е Општина Чаир, видоа на каков „отпор “ наидоа од „македонските Талибанци“. Односно дека нема играње играчки кога станува збор со нив. Сакам да кажам, да беа Албанците -Македонци, и Бугарија и Бугарите да им го прават ним тоа што ни го прават нас во овие 4 години особено брутално, а во изминатите 3 децении, секој Бугар ќе „поминеше“ така како што поминаа низ Чаир, секаде каде ќе беше сретант од етнички Албанец. Во нас и кај нас најдоа „село без кучиња“, па го прават тоа што го прават. Кај и со Албанците ги видоа „кучињата“ и тоа во најбесен и најразјарен вид. Од сето ова што се случи вчера најсмешни со шизофрена конотација ми се оние Бугари кои хистеризираат на социјалните мрежи дека Македонија е фашистичка и терористичка држава и дека ние како држава и како народ сме виновни за „албанско-бугарската “ пресметка низ улиците на Скопје и на градскиот стадион вечерта на самиот натпревар, заклучува соговорникот.

Н.П

Слични содржини