Дали Рама ќе не убеди дека „Отворен Балкан“ е завршена мисија? „Берлинскиот процес само му дава надеж на регионот дека можеби еден ден ќе се најде во ЕУ“

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Албанскиот премиер Еди Рама денеска и утре ќе биде на балканска турнеја, на која заедно со своите колеги ќе разговараат за кризата во Косово, иницијативата „Отворен Балкан“ и берлинскиот процес. За денес е најавено Рама да дојде во Скопје, што ќе биде негова прва од петте постојки во земјите од Западен Балкан, кои ќе ги посети во наредните два дена. По неговата најава за крај на „Отворен Балкан“, експертите од регионот се со различни ставови за успесите и причините за прекинување на регионалната иницијатива, која во покрај Албанија, се и Србија и Северна Македонија.

Милутин Миша Илиќ

Српскиот независен новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ во разговор за „Локално“ вели дека Отворен Балкан носи конкретни резултати за обичните луѓе во однос на отворените граници меѓу земјите кои се членки.

-Берлинскиот процес само му дава надеж на регионот дека можеби еден ден ќе се најде во ЕУ, а објективно нема можност или волја за проширување на ЕУ. Уште повеќе, голема трансформација на ЕУ и можеби дури и заминување на самата ЕУ од поединечните земји-членки е многу извесно, смета Илиќ.

Според него, Германија и САД имаат многу несогласувања за различни прашања, а што се однесува до Балканот, тоа несогласување ќе дојде до израз само во форма на преовладување на надворешно политичко влијание.

-Германија е подготвена да го поддржи проектот за Голема Албанија и игра на картата на конфликтот на рутата Курти-Рама во смисла на тоа кој е лидер на проектот Голема Албанија зад кој стои БНД, оценува аналитичарот.

Сепак, вели дека треба да почекаме неколку дена за реакцијата на САД по ставот на Еди Рама, па потоа ќе знаеме чие влијание на овие простори е посилно.

-Досега, САД секогаш го имаа главниот збор. Само Германците и Французите служат како таканаречени дипломатски димни завеси, што јасно се виде во договорите Минск 1 и Минск 2, во однос на Украина и Русија. Тие ја имаат истата улога во евентуалните договори меѓу Белград и Приштина, укажува Илиќ.

Останува дециден дека на овие простори, главна тема за разговор води САД и за разлика од Украина, не им требаат војна и конфликти на Балканот, додека би им одговарале на Германците и другите.

Фатмир Шеноли

Со изјавата на Рама дека иницијативата „Отворен Балкан“ е „завршена“, се согласува и косовскиот аналитичар Фатмир Шеноли. Во изјава за „Локално“ вели дека сега е неопходно да се фокусираме на берлинскиот процес.

-Отворениот Балкан нема перспектива без Албанија и Косово. Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија сега е многу важна. Премиерот Рама е многу искрен во намерата да ги обедини земјите од Западен Балкан за Берлинскиот процес, порачува Шеноли за балканската турнеја на претседателот на албанската влада.

Берлинскиот процес е основан во 2014 година на иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Иницијативата служи како платформа за соработка на високо ниво меѓу официјални претставници на таканаречената Западнобалканска шесторка, која ја сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. Нејзиниот фокус е создавање на заеднички регионален пазар. Процесот ги вклучува и институциите на ЕУ, меѓународните финансиски институции и граѓанското општество во регионот. Самитот се одржуваше еднаш годишно за време на владата на Ангела Меркел. Последен пат самитот во рамките на Берлинскиот процес беше одржан хибридно, во 2020 година поради пандемијата со Ковид-19. После креирањето на Беринскиот процес тројца лидери на три балкански земји ( Рама, Вучик и Заев) во Нови Сад во 2019 го креираа Балканскиот Мини Шенген кој потоа се претвори во Отворен Балкан. Целта беше интензивирање на економската и меѓуцаринската соработка на земјите на Западен Балкан со цел да спласнат политичките тензии.

Н.П.

Слични содржини