Дали руската агресија ќе го обедини украинскиот народ: „Зеленски планира сериозна контраофанзива по зимата“

од Nikola Popovski
625 прегледи

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски упати апел до борбениот дух на неговите сонародници да не попуштаат во одбраната на земјата, во пресрет на големиот празник Божиќ. Украина годинава првпат официјално го слави Божик на 25 декември според западната традиција, а не на 7 јануари согласно православните обичаи. -Потребно е максимално внимание за одбраната, максимални напори за земјата, максимална енергија за Украина да ги постигне своите цели, рече синоќа Зеленски во своето редовно видео-обраќање.

Според него, Украина се повеќе се потпира на разни видови беспилотни летала во одбрана од руската инвазија. Тој ги истакна и резултатите од неговото учество во консултациите со владата и армијата во Киев за залихите на беспилотни летала со кои располага и што е потребно од нив на првата линија на одбраната. Сепка, нагласи дека украинската армија побарала до 500.000 нови војници, што за него е чувствително прашање. Како што вели, судбината на земјата ќе се решава во регионите Харков, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, кои беа нападнати од

Аналитичарот Ненад Јурдана смета дека со оглед на должината на линија на фронтот и жестоките борби што се водат особено во Бахмут, Авдиивка и Купјанск, барањето на Генералштабот на вооружените сили на Украина за дополнителни војници е повеќе од јасно. Во разговор за „Локалнно“ истакнува дека се водат дискусии во врска со различни стратегии за регрутирање – кој е најдобриот начин да се продолжи напред.

-Како за пример, во моментот се активни платформи кои нудат работни места во украинската армија, наменети за луѓе со специфичен сет на вештини (ИТ, машински инженери, доктори итн.) притоа давајќи им да ја одберат воената единица и местото каде што сакаат да работат, се со цел да се привлечат оние кои што веројатно можеби и не би биле дел од армијата и воениот напор. Во ноември, Путин потпиша декрет за зголемување на руската армија за дополнителни 170.000 војници. Ако Украина планира сериозна контраофанзива по зимата, ќе и требаат повеќе војници, па оттука и барањето на Генералштабот, посочува Јурдана.

Аналитичарот не смета дека има иницијатива од руска страна, како што тврдеше рускиот претседател Владимир Путин и дека се добра позиција за наредната година.

-Да ја земеме за пример битката за Бахмут – на Русија и требаше месеци да го заземе малиот град, а во предградието сѐ уште се водат жестоки битки. Русија е релативно на истите позиции во Украина како и во декември претходната година. Голем дел од модерното западно вооружување кое што беше најавено оваа година или не е дел од активните борбени операции или сѐ уште не е пристигнато. Во поглед на потенцијалната неизвесност од доставување на странска воена помош, моменталниот приоритет на Украина се договорите за заедничка соработка и производство на разни типови на вооружување на домашен терен, во Украина, во соработка со европски и американски компании за производство на оружје. Во 2024 се очекува германскиот гигант Рајнметал да ги произведе првите оклопни возила во Украина, а исто така и да изгради капацитети за поправка и одржување на борбена опрема. Пред неколку дена претседателот Володимир Зеленски најави производство на еден милион дронови во 2024 што е сериозен зафат. Сето ова најверојатно навестува пролетна украинска контраофанзива, кога и временските услови се поповолни, тврди Јурдана.

Соговорникот не се согласува дека актуелната состојба води кон крај за Украина каква што ја знаевме пред 24 февруари 2022 година. Вели дека настрана трагедијата и страдањата, руската агресија го обедини украинскиот народ, помогна во афирмирање на украинскиот јазик и нација на меѓународно ниво и значително ја зголеми бројноста на украинската армија.

-Тие станаа земја-кандидат за ЕУ во јуни 2022, а пред неколку дена Европскиот совет донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Украина. Во основа, спротивното од она што сакаше да го постигне Владимир Путин, дециден е Јурдана.

Според него, Путин е далеку од постигнување на неговите цели во Украина, но предупредува дека во евро-атлантскиот простор, Молдавија и Грузија се слаби точки поради замрзнатите конфликти и де-факто постоењето на меѓународно непризнаените територии на Транснистрија, Абхазија и Јужна Осетија, кои се силно поддржани и во суштина нивниот опстанок зависи од Руската Федерација.

-Така да со оглед дека Русија е заглавена во премногу скапа војна без напредок, Путин во голема мера ќе продолжи да ги користи хибридните форми на војување за креирање на нестабилност во овие и други земји, заклучува аналитичарот.

Војната во Украина трае 663 дена. Во вчерашниот напад на руската армија со беспилотни летала и артилерија врз округот Никопол загинаа две лица, едно е повредено, а оштетени се фабрика и црква. Во меѓувреме, администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден започна итни разговори со сојузниците за користење замрзнати руски средства за воена поддршка на Украина. Рускиот министер за финансии Антон Силуанов изјави дека доколку Европската унија почне да го користи профитот од замрзнатите средства на Русија во ЕУ и ги предаде на Украина, Русија ќе одговори на пропорционален начин.

Н.П.

Слични содржини