Проектот Источномедитерански гасовод (ИстМед), кој треба да поврзе природен гас од крајбрежните области на Кипар, Израел и евентуално Египет преку Грција до Италија и пазарите низ Европа, е повторно на сцената по состанокот на Трансатлантското енергетско партнерство во Атина минатата недела, објави грчкиот радиодифузер „Скај“.
По средбата со своите кипарски и грчки колеги, израелскиот министер за енергетика и инфраструктура Ели Коен изјави дека е постигнат „многу значаен напредок“ и дека Американците се „подготвени да преземат важна улога“.
„Целта е да се создаде коридор што ќе биде алтернатива на руската енергетска рута и ќе ги заобиколи (јеменските) бунтовници Хути“, рече Коен.
На почетокот на 2021 година, Кипар, Грција и Израел потпишаа меѓувладин договор за изградба на Источномедитеранскиот гасовод, за кој се очекува да испорачува од 9 до 12 милијарди кубни метри природен гас годишно до Европа. Во ноември истата година, Европската комисија го вклучи ИстМед во својата петта листа на проекти од заеднички интерес.
Сепак, перспективите на проектот претрпеа сериозен удар кога во јануари 2022 година, САД, дотогаш меѓу најголемите поддржувачи на планираниот гасовод како можен начин за ослободување на Европа од зависноста од руските испораки на гас, ги известија заинтересираните страни дека ја повлекуваат својата поддршка за проектот.
Слабеењето на политичката поддршка за проектот, во комбинација со технички предизвици и сомнежи за неговата чисто финансиска профитабилност, ефикасно ја замрзна работата на него во последните три години.
Во коментар за „Скај“, аналитичарот за надворешна политика Константинос Филис вели дека под претходната американска администрација на Џо Бајден, форматот за соработка „3+1“ (Грција, Кипар и Израел плус САД) всушност не функционирал, но догмата на сегашниот претседател Доналд Трамп „дупчи бејби, дупчи“, т.е. колку повеќе дупчи, толку подобро, може да го оживее проектот. Оваа политичка промена, доколку се потврди, повторно го отвора патот за учество на американските компании во ИстМед и обезбедува поддршка од САД како противтежа на руското влијание.
„Сè уште не знаеме дали она што се случува ќе доведе до оживување на проекти како ИстМед. Гасоводот ќе се соочи со истите, а можеби и со поголеми проблеми од електричниот кабел (од Грција) до Кипар, и технички и политички“, вели Филис, но додава: „Ако EastMed дојде под крилото на Американците, тоа би ги променило работите“.
Според аналитичарот, враќањето на EastMed не е само енергетски проект, туку одраз на „нова геополитичка ера во Источниот Медитеран, во која Грција, Кипар и Израел ги здружуваат силите со САД за да ја обликуваат енергетската карта на наредните децении“.
„Можеби (форматот 3+1) е дел од сложувалката, каде што сè уште не знаеме точно каде ќе биде поставен. Сепак, можно е тоа да ја одреди целокупната слика за регионот“, заклучува Филис.
Не сите набљудувачи се согласуваат дека најновите случувања зборуваат за оживување на ИстМед. Грчкиот портал „Енерџи Прес“ ги анализираше изјавите на израелскиот министер за енергетика Ели Коен за „Ерусалим пост“ и за грчкиот весник „Катимерини“ и прецизираше дека всушност Коен повеќе зборувал за изградба на гасовод од Израел до Кипар со поограничен обем со приватен капитал, пренесе БТА.
Кипарскиот министер за енергетика Георгиос Папанастасиу, исто така, не кажа ништо за можноста за продолжување на работата на гасоводот во интервју за КНА по состанокот во Атина. Тој истакна дека министрите од форматот 3+1, како и од Трансатлантското енергетско партнерство воопшто, разговарале за местото на ИстМед во енергетската безбедност, но конкретните проекти што ги спомена се создавање коридор за снабдување со гас до Северна Европа преку грчкото пристаниште Александрополис, гасоводот од Израел до Кипар, што го спомена и израелскиот министер Ели Коен, и можниот извоз на течен природен гас од полињата во близина на Кипар преку египетското пристаниште Дамиета.