Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева не ја поддржува тезата за колективна одговорност и смета дека индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана и точно детектирана. Вели дека секоја одговорност има и презиме.
Ваквиот нејзин став следува по најавите на новата Влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
-Ако се оди по принципот на распуштање на Судскиот совет, се надевам дека, пред се ќе се почитува Уставот. Во период од распуштање до конструирање на нов Совет, ќе настане вакуум период, кој иако би бил краток, постои опасност да застарат одредени постапки кои што се иницирани од граѓаните за нестручно и несовесно постапување на одредени судии. На граѓаните не им е важно кои се членовите и претседателот и што се дискутира на Судскиот совет, туку им е важно да постапува во надлежностите и кој судија останува во судницата. Сите реформи што се спроведуваат, се во интерес на граѓаните и тие заслужуваат ниту еден судија да не влезе во суднина и да дели правда, односно неправда, затоа што по сила на закон застарела одредена постапка против него. Граѓаните заслужуваат правда, кажа Дамева во изјава за медиумите, по конференцијата на тема „Напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, која денеска се одржа во Скопје.
Распуштање и законска реформа на Судскиот совет е дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната кампања. Премиерот Христијан Мицкоски во досегашните негови јавни настапи реформата на ова судско тело ја посочуваше како еден од приоритетите на актуелната власт.
Согласно Законот за Судски совет членовите на Советот од редот на судиите имаат мандат од шест години, со право на уште еден избор по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат.