Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера ја добила интерпелацијата, но за да изгради став, вели дека треба да ја анализира содржината.
„Интерпелацијата, која е поднесена во Собранието, ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и сум во фаза на анализирање на причините и, генерално, на нејзината содржина. Во моментот кога ќе го изградам мојот став, сигурно и на јавноста ќе ѝ биде соопштен. Јавноста нема да остане без моето произнесување“, рече Дамева.
Во однос на очекувањето на премиерот Мицкоски членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и сами да поднесат оставки доколку Собранието изгласа интерпелација, Дамева денес рече дека оставка се поднесува само доколку постојат оправдани причини, нагласувајќи дека сепак тоа е личен чин.
Одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело, смета членот Тања Чачарова-Илиевска.
„Она што ми падна во очи е дека се однесува на членот на Судскиот совет Тања Чачарова- Илиевска, а се зборува за колективна одговорност. Во моите излагања во многу наврати сум зборувала дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Советот е колективно тело. Ние сите гласаме со својот глас и во зависност од секој глас одредена одлука се носи според мнозинството гласови. Треба навистина добро да изанализирам и ќе дадам свој став во рокот предвиден во Деловникот на Собранието“, кажа Чачарова-Илиевска.
Покрај Чачарова Илиевска и Дамева, интерпелацијата е насочена и кон членовите Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
Владата изминатите месеци притиска за коренити промени и распуштање на Советот на обвинители и Судскиот совет, што предизвика бранувања и во земјава, но и кај меѓунардните тела. ЕУ и САД изразија загрижување поради ваквите најави, кои што сметаат дека се мешање во независноста на судството.