И покрај брзото ширење на сојот омикрон, една европска земја одлучи да ги укине сите ограничувања за ковид, вклучително и носењето заштитни маски.
Во Данска ноќните клубови повторно се отворени, продажбата на алкохол е можна и ноќе, а апликацијата за следење контакти веќе не е потребна за влез во затворени објекти.
Иако бројот на новозаразени останува релативно висок, властите велат дека вирусот повеќе не се квалификува како „критична закана“ поради високата стапка на вакцинација во земјата.
„Имаме исклучително висок број на возрасни кои се вакцинирани со три дози. Бидејќи омикрон не води до сериозна болест за вакцинираните луѓе, веруваме дека е разумно да се укинат ограничувањата“, рече епидемиологот Лоне Симонсен од Универзитетот во Роскилде.
Од денеска повеќе не се потребни маски во продавниците, рестораните и јавниот превоз. Ограничувањата на бројот на луѓе на собири во затворени простории и мерките за социјално растојание, исто така, повеќе не се во сила.
Националната апликација за следење контакти нема да се користи, иако поединечните организатори на настани сепак може да одлучат да го применат ова правило.
Ретките ограничувања ќе останат на сила, како што е носењето маски во болниците и домовите за стари лица.
Премиерот Мета Фредериксен го поздрави потегот, пишувајќи на Фејсбук „Добро утро за целосно отворање на Данска“.
Олеснувањето на ограничувањата во Данска уследи по слични одлуки во Англија и другите земји во Велика Британија во јануари.
Другите земји-членки на ЕУ, како што се Ирска, Франција и Холандија исто така почнаа да укинуваат некои ограничувања.