Данската влада најави дека ќе одвои две милијарди евра за зајакнување на безбедноста на Арктикот, стратешка област поради неговата „блискост до Русија и САД“, и северниот Атлантик. Афинитетите и аспирациите на американскиот претседател Трамп кон Гренланд, најголемиот остров во светот, се чинеше дека ги разбудиле Данците кои „се сеtтиле на својот суверенитет над областа“.
Овој арктички остров е 2,17 милиони квадратни километри, што го прави трипати поголем од американската сојузна држава Тексас. Овој остров е најретко населената територија во светот и дом на околу 56.000 жители, главно домородните Инуити.
„Нивото на закана на Арктикот и Северниот Атлантик се зголемува. Затоа треба значително да ја зајакнеме одбраната во овие области“, рекол данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Пулсен во соопштението.
Тој конечно ја даде изјавата во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ја повторува својата намера да го купи или припои Гренланд, автономна данска територија, „за да ја зачува безбедноста на Америка“.
Данската влада најави дека ќе испрати три нови бродови на Арктикот, дополнителни беспилотни летала со долг дострел опремени за висококвалитетно снимање и ќе ги зајакне сателитските способности.
Како што беше наведено, програмата, подготвена со водечките дански политички партии, беше развиена во тесна соработка со Гренланд и Фарски Острови, две автономни дански територии.
„Стекнувањето нови арктички бродови е врвен приоритет… тие се многу важни за безбедноста на Гренланѓаните“, рече Вивијан Мотцфелд, одговорна за надворешни работи во владата на Гренланд, на прес-конференција со данскиот министер.
Гренланд, кој сака да добие независност од Данска, е особено интересен поради својата стратешка локација.
САД имаат активна воена база на северозапад од островот, во Питуфик. Гренланд е најкраткиот пат за лансирање ракети кон Русија.
Доналд Трамп пред Нова година оцени дека американската контрола на оваа данска автономна територија е „апсолутно неопходна за националната безбедност и слободата ширум светот“.
Во 2021 година беше потпишан арктичкиот договор со Данска, но данските медиуми открија дека неколку делови од договорот не биле финализирани.
Беше ветена сума од 1,5 милијарди дански круни за дронови со долг дострел и радарски станици. Министерот призна дека последователните влади не направиле доволно за да го одбранат Арктикот.
Тој рече дека ќе биде склучен нов договор за одвраќање и одбрана во регионот подоцна во 2025 година.
САД го окупираа Гренланд во 1941 година по инвазијата на нацистичка Германија на Данска за време на Втората светска војна. Додека Гренланд сè уште беше данска колонија во 1946 година, американскиот претседател Хари Труман предложи да се купи островот за 100 милиони долари во злато, што Данска го одби.
Според договорот за одбрана од 1951 година, САД добија воздушна база сега наречена вселенска база Питуфик, во северозападниот дел на Гренланд. Тоа е на половина пат меѓу Москва и Њујорк, тоа е најсеверниот пункт на американските вооружени сили и е опремен со систем за ракети. Ако Русија испрати ракети кон САД, најкраткиот пат за нуклеарно оружје би бил преку Северниот Пол и Гренланд.
Потегот на Данска да инвестира во „безбедноста“ на Гренланд ја вжештува и онака напнатата ситуација околу овој остров.
Специјални проценувачки фирми објавија проценка дека овој остров, како недвижен имот, вреди и до 77 милијарди долари.