Данска ќе засади милијарда дрвја и ќе преобрази 10% од земјоделското земјиште во шуми

од Vladimir Zorba
16 прегледи

„Најголемата промена во данските пејзажи во повеќе од сто години“.

Вака владата ги опишува плановите за засадување милијарда дрвја во Данска во следните две децении, како и претворање на 10% од земјоделското земјиште во шуми и природни живеалишта. На овој начин Данците ќе ги здружат напорите во борбата за зачувување на природата и во борбата против климатските промени.

Трипартиската влада на почетокот на неделава веќе постигна договор за „позеленување“ на Данска. Следува гласање во парламентот, што се смета за само формалност, пренесуваат медиумите.

А потоа…

„Данската природа ќе се промени на начин на кој не сме виделе откако мочуриштата беа исушени во 1864 година“, рече Џепе Брус, шеф на зеленото трипартитно министерство што беше создадено за спроведување на зелениот договор.

Во моментов, околу 15% од данската територија е под шума, поточно 640.835 хектари, според официјалните податоци.

Како што се наведува понатаму, по глава на жител, во Данска има 0,1 хектар шума, што одговара на површината на голема градина во предградијата. Ова е далеку под европскиот просек од 1,97 хектари шума по глава на жител, што е големина на речиси три фудбалски игралишта.

Но, новиот договор од Данска може да ја промени сликата и таму, исто како што го промени Законот за шуми од далечната 1805 година кога беше забрането сечењето дрвја… Иако поголемиот дел од земјата некогаш беше пошумен, по векови и векови неконтролирано уништување на шумите поради земјоделството, приближно во 1800 година покриеноста со дрвја паднала на само 2-3%.

Во меѓувреме, благодарение на регулативите и садењето дрвја, таа се разбира се зголеми – и сега овие напори добиваат дополнителен поттик: милијарда дрвја и претворање на земјоделското земјиште во шуми и природни живеалишта.

Со оваа трансформативна иницијатива, нови дански шуми ќе никнат на 250.000 хектари. Згора на тоа, околу 140.000 хектари земјоделско земјиште во низините ќе добијат нова улога – тие ќе станат природни области од повеќекратно значење како мочуришта или ливади.

Според договорот, за откуп на земјиште од земјоделците ќе бидат издвоени околу 6,1 милијарди долари, соопшти Владата.

Овој договор е дел од трипартитниот план на Зелените за обнова на природата и намалување на емисиите од земјоделството, што го договорија земјоделците, индустријата, синдикатите и здруженијата за заштита на животната средина во јуни годинава со владини претставници.

Планот вклучува и формирање на шест нови национални паркови. А околу десет милиони долари се наменети за обновување на морските подрачја и создавање на два нови природни паркови во морето со цел заживување на морските екосистеми и биодиверзитетот.

По неколкумесечни преговори, како дел од трипартитниот план на Зелените, беше договорено и да се воведе посебен данок на емисиите на метан од сточарството: од 2030 година, сточарите ќе плаќаат околу 40 долари за секој тон метан што го ослободуваат кравите и свињите, а во 2035 година цената ќе скокне на околу 70 долари.

Слични содржини