Данска почна со обука на осум украински пилоти за управување со борбените авиони Ф-16, во рамките на нејзината посветеност да донира авиони на Украина, објавија данските вооружени сили.
Данска и Холандија во неделата ветија дека ќе ѝ донираат борбени авиони Ф-16 на Украина, со што ја исполнија долгогодишната желба на Украина, што би можело да и помогне на земјата да ја зајакне својата воздушна одбрана и противофанзивата против руската армија.
Осум украински пилоти пристигнаа во данската воена воздухопловна база во Скридструп, заедно со 65 членови на персоналот кои ќе бидат обучени за одржување и сервисирање на авиони, објавија данските вооружени сили.
Данска ќе и испорача на Украина 19 авиони Ф-16, а првите шест ќе пристигнат во земјата околу Нова година.
На обуката ќе учествува и Грција, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Холандија, која има 42 борбени авиони Ф-16, допрва треба да одлучи колку авиони ќе и испорача на Украина. ж
Данска во моментов располага со 43 авиони Ф-16, но од безбедносни причини не открива колку се активни, се наведува во денешното соопштение на данските вооружени сили.