Даути: Приказните за предавници и патриоти се уште може да проаѓаат особено ако имате сосед како Бугарија која се однесува како мачка со глушец кон Македонија

„Шпионските“ афери се привлечни, но за тоа не е доволно само некој да ги пушти во етерот туку да има цврсти докази - вели аналитичарот Даути за „Локално“ за „приказната со бугарските служби“

од Nikola Popovski
412 прегледи

Бугарија повторно стана тема на политички пораки и изјави што се разменуваат секојдневно меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Според најголемата владеачка партија, опозициската партија нема намера да презентира програма или да победи на локалните избори на есен со проекти, туку „има намера да дојде на власт, ветувајќи дека ќе ги продаде националните интереси“, изјави пратеникот Миле Лефков. Тој обвини и за бугарски тајни служби, односно дека структури од партијата на Венко Филипче имаат поврзаност со нив. „Овој пат, СДСМ и Филипче се ставаат во служба на бугарските интереси, а за возврат очекуваат зделки вредни милиони. СДСМ и Венко Филипче прават сè исклучиво од личен интерес, а државата и нејзините интереси ја претвораат во средство“, додава пратеникот.

„Театарoт на „внатрешни непријатели“ на Мицкоски е обид да се скрие вистината за бугарските пасоши“, одговорија со соопштение од СДСМ. Од „Бихаќка“ велат дека премиерот „Христијан Мицкоски сè уште не ги негираше информациите дека побарал бугарско државјанство, а наместо тоа ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат СДСМ за да го спасат својот рејтинг“.

„Кампањата на ДПМНЕ преполна со лаги, навреди и барање внатрешни непријатели е одамна прочитана книга. Излитена плоча која веќе никој не ја слуша. Но граѓаните ја знаат вистината. И таа вистина е дека овој театар со „патриоти и предавници“ служи само за едно – да се сокрие епскиот неуспех на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Служи за да се скрие фактот дека Мицкоски и пола од неговата Влада имаат бугарска самосвест. За повеќе од една година оваа власт нема ништо ама буквално ништо испорачано за подобар живот и иднина за граѓаните“, одговорија од СДСМ.

Дали навистина постои инволвираност на бугарските тајни служби во македонската политичка сцена? Според политичкиот аналитичар, Даут Даути, ние како обични граѓани немаме пристап до вистинските информации со кои располагаат соодветните државни структури, па не би можеле да цениме што е вистина во ваквите приказни. Да бидам искрен, вели соговорникот, ваквата реторика е атрактивна за слушање и дел од нас дури и би поверувале дека некој работи против државата соработувајќи со странски служби и соседи кои не ни мислат добро.

-Јас лично не верувам дека може да постои некоја македонска партија која би се здружила со странски служби против својата држава. Користењето на таквите тези само може да е израз на неснаоѓањето  во водење политика исправени пред многу предизвици за кои немаат соодветен одговор, да не речам компас. Кога немате соодветни одговори на сите тие прашања за кои порано сте ветиле дека поинаку ќе ги правите, тогаш ви останува „проверената реторика“, која порано ви носела политички поени. А приказните за предавници и патриоти, за внатрешни и надворешни подривачи се уште може да проаѓа, особено ако имате сосед како Бугарија која помага со своите несфатливи потези од позиција на хегемон како членка на ЕУ во однос на Македонија, која се однесува како мачка кон глушец, вели Даути во разговор за „Локално“.

Околу тоа, дали е оваа реторика пред локалните избори, аналитичарот смета дека може да е, но и би било нелогично, бидејќи други проблематики треба да доминираат, а не кој е поголем или помал патриот во однос на државните интереси.

-Но има вистина во тоа дека кај албанскиот политички блок, големите теми ќе ги засенат локалните проблеми, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ревносно го топи кредибилитетот на нивните коалициони партнери од ВЛЕН, бидејќи со прашањата за употребата на албанскиот јазик, застапеноста во администрацијата па дури и со Бадентер, не враќа назад, и ако ВЛЕН на избори оди со јасни назадувања по овие прашања(ветените законски решенија се „на пат“, ама далеку од Парламентот), на ДУИ и Европски фронт им дава доволно „материјал“ за што да дебатира на локалните избори, тврди Даути.

Според аналитичарот, тензии во односите власт – опозиција, секогаш имало и ќе има, но проблемот е што нашите партии не знаат за мерка па нивната вжештена политичка борба предизвикува поделби и во општеството и по прашањата за кои не би требало, како што се стратешките интереси на државата.

-Општеството е сепак доволно имуно да ги „преживее“ ваквите вештачки поделби кога тие се интраетнички, но би било опасно нешто друго, за која во ВМРО не се имуни: да играат на картата на етнички поделби до заострување со тоа што ги враќаат назад некои затворени прашања кои ја одведоа државата до кризата во 2001-та и беа затворени со Рамковниот договор. Третирањето на тој договор како наметнат, а не како компромис меѓу сите релевантни чинители во тој период, остава простор за авантуристички пристап за ревизија, што може да ја наруши општествената кохезија, нагласува Даути.

На прашањата како државата треба да реагира во вакви ситуации во кои владејачката партија обвинува цела опозиција за соработка со странски служби и дали можеби би следеле апсења поради вакви сериозни обвинувања, соговорникот оценува дека „шпионските“ афери се привлечни, но за тоа не е доволно само некој да ги пушти во етерот, туку да има цврсти докази.

-И тие во минатото доста се користеле, особено на почетокот на 90-тите, кога да бидеме искрени, не беше така „чад без оган“, бидејќи сепак некои траги на соработка со одредени странски елементи имаше, и тоа не баш наивни, бидејќи во тогашното ВМРО-ДПМНЕ имаше силно про-бугарско крило, иако покрај јавните обвиненија, не се сеќавам дека некој заглави.

Во денешно време, ако државата навистина има докази дека некој соработува со странски служби, нека ги изнесе пред судските органи, за да не останат работите на ниво на манипулација, бара Даути.

Аналитичарот не гледа дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов има разнишан рејтинг, и покрај очигледното неснаоѓање и погрешниот пристап кон некои прашања, како што е трагедијата во Кочани каде што, како што вели, одговорноста ја усмерија селективно. Главниот товар, според Даути, сепак е евроинтеграцискиот процес и односите со Бугарија, бидејќи нема ништо од предизборните ветувања дека ќе се предоговараат условите, но како што гледаме, тоа не само што не се случува, туку поприма и други неочекувани „финеси“ како што беше последното и зачудувачко сместување на Македонија во „српскиот свет“.

-Тоа е сериозен пресврт, оставајќи не збунети дали тие во ЕУ се толку злонамерни или ние сме слепи па не сме забележале дека тоа се случува пред наши очи. Оваа власт навистина дојде во тешко геополитичко време и на старите проблеми се надоврзаа и нови, не води низ немирни води во неодреден правец. Како и да е, тоа е дел од одговорностите на власта, која можеби нема толку јаки плеќи да ги издржи сите, заклучува Даути.

Слични содржини