Системот на ротации како принцип на работа на административните работници за време на вирусот КОВИД – 19 , професорот Борче Давитковски го издвојува како еден од полошите примери во неефикасното справување на државата со пандемијата. За него е неразбирливо зошто органите и администрацијата не ја користеа електронската комуникација која ќе ги „спасеше’’ граѓаните од непотребни нервози и турканици во постапките за добивање документи.
„Веќе имаме практика ( Катастар) каде граѓаните, институциите и граѓаните можат електронски да добијат извод. Се поставува прашањето зошто истото не го сторија и другите институции’’ прашува Давитковски.
Не е оптимист дека е научена лекцијата во случај на некоја следна пандемија и вели:„Токму спротивното, мислам дека никогаш нема да ја научиме”.
Проблемот според него е во отсутвото на волја. „Министерите треба повеќе да водат сметка за граѓаните за да ги заштитат од турканици за време на пандемија. Секоја држава се труди да ги задоволи потребите на граѓаните, но кај нас е тоа обратно,бидејќи како да се бараат начини тие да се малтретираат’’, вели Давитковски
Во период пред летните одмори, граѓаните масовно ги „запоседнаа’’ шалтерите за да извадат решенија, договори, изводи, со еден збор документација до која тешко се доаѓаше за време на пандемијата поради ротациите во работењето на административците. Дали можеа да се избегнат сегашите турканици и нервози?
-Основно прашање е дали органите и администрацијата можеа и требаа согласно протоколите во услови на КОВИД 19 онлајн да решаваат за правата и обврските на граѓаните. Според мене, формално правно, тие имаа алатки, особено во Законот за општата управна постапка каде е предвидена електронска комуникација помеѓу самите органи ( која е задолжителна), и помеѓу органот и странката, односно граѓанинот кој бара остварување на право и правен интерес.Требаше да се направат само некои подзаконски акти (упатства) врз основа на кои можеше и требаше пружањето на услугите и актите органите да ги доставуваат на странките електронски.
Имено, веќе имаме практика ( Катастар) каде граѓаните, институциите и другите лица можат електронски да добијат извод. Се поставува прашањето зошто истото не го сторија и другите институции ?Така на пример, во Управата за водење матични книги граѓаните влегуваа еден по еден за да поднесат барање, а ппотоа друг ден повторно еден по еден за да ги подигнат документите. За тоа време, во услови на пандемија се групираа и се туркаа надвор, што е ќе се согласите спротивно на сите безбедносни протоколи. Електронска комуникација за вадење одредени документи можеа да реализираат и службите на МВР, но тоа исто така не беше напаравено. Секако, овој вид комуникација не е применлива за сите ситуации, на пример за вадење лична карта бидејќи личното присуство е задолжително, но за многу други документи можеше и требаше.
Каде беше спроведена електронската комуникација како принцип на работа, и дали таа покажа ефекти?
-Ние во Високото образование ги изменивме деловниците за работа на сите органи ( сенат, ректорски управи, наставно научни совети) и една ипол гдина онлајн држиме седници. Од почетокот на пандемијата на ваков начин држиме и настава, како и одбрана на магистерски и докторски дисертации. Дококолку не се прилагодевме, немаше да има одбрана на магистерски и докторски дисертации.
Доколку имаше воља, можеа да се приспособат и државните органи, особено министерствата и на граѓаните онлајн да им доставуваат решенија, потврди, изводи.Постои алатка, правен основ, но не и добра воља.
Наместо вакви веќе испробани, широко распространети решенија во светот нашите шалтерски работници се ротираа, една група одеше на работа неколку дена, па потоа ги заменуваше друга.За сето ова време можеа електронски да комуницираа со граѓаните за да излезат во пресрет на нивните барања. Обврска на министрите, директорите и раководителите беше поподгвено да се справат со пандемијата, и да инсистрираат на решенија кои се веќе познати и применливи.
Универзитетските професори упатија забелешка дека се оставени за крај во редот на вакцинирање и покрај фактот дека беа меѓу најревносните во работењето за време на пандемијата?
-Моите колеги се сосема во право. Сите административни работници добија предност во вакцинирањето. Ние, универзитетските професори кои од октомври треба да почнеме со новата академска година не добивме ваква можност. Јас успеав да добијам вакцина само заради годините, но многу мои колеги се уште чекаат. Ќе се согласите дека ваквиот принцип на одредување приоритетни групи нема основа.
Дали ја научивме лекцијата, и колку ќе бидеме подготвени за некоја следна пандемија?
-Не ја научивме лекцијата, ниту пак некогаш ќе ја научиме. Треба да се има добра воља. Министерите треба повеќе да водат сметка за граѓаните за да ги заштитат од турканици за време на пандемија .Има начини како да ги научите граѓаните како електронски да плаќаат. Во САД и во Западна Европа се емитуваат утрински програми на кои ги учат домаќинките како да вршат електронско плаќање.И тоа е логично, секоја држава се труди да ги задоволи потребите на граѓаните. Кај нас е тоа обратно, како да се бараат начини да се малтретираат граѓаните.
К.В.С.