Остар и прецизен во своите забелешки, професорот Борче Давитковски во интервју за “Локално” наведува низа критики на сметка на решението на министерот Алити да ја намали администрацијата преку ограничување на 5% за нови вработувања.
Според него, станува збор за елементарно непознавање на состојбите, а тие покажуваат дека за разлика од многу институции и сектори каде вишокот ‘’прелева’’ во образованието, науката и културата, недостасува доволен број извршители, а вработени фалат и во државната администрација.
“Оттука, ваквата заложба е катастрофа и е единствено потикната од дневно политички побуди’’, вели Давитковски.
Од позиција на одличен познавач на состојбите во оваа сфера, посочува и дека бројката од 132.000 вработени во јавниот сектор и администрацијата е далеку од реална бидејќи не ги опфаќа лицата со договор на дело во јавниот сектор како и вработените во акционерските друштва во државна сопственост.
„И со едните и со другите имаме преку 200.000 вработени, а ова требаше прво да се каже , бидејќи вака испаѓа дека од лани до сега имаме 900 нови вработувања што е нон сенс’’, вели Давитковски.
Како особено проблематичен го посочува фактот дека низ годините државата го обезвреднила трудот на давателите на услуги.
“Во здравството нешто поправија но во образованието, а особено во науката, состојбата е катастрофална’’, вели Давитковски.
Тој самиот е автенитичен пример “Државата за мене како редовен професор со 44 години стаж дава 36 000 денари нето плата и таа со години не е сменета. Зборувам за универзитетски професор, доктор на науки’’, заклучува Давитковски.
Бројките за вработени во јавниот сектор и администрацијата што ги обелодени министерот заинформатичко општество покажуваат дека за една година бројот на вработени е зголемен за над 900 а вкупниот број на вработени достигна 132 088 лица. Како го коментирате фактот што наместо најавеното намалување на административците, нивниот број се зголемува?
Според мене ова е чист популизам.Прво бројката не е реална.Тие бројки што ги кажа министерот се нереални особено ако се има предвид дека не беше даден бројот на вработени со договор на дело во јавниот сектор, а се работи за над 30 000.Не беше даден ниту бројот на вработените во акционерските друштва во државна сопственост.И со едните и со другите, имаме преку 200 000 вработени кои на еден или друг начин примаат средства од државниот буџет. Прво тоа требаше да се каже,вака испаѓа дека од лани до сега има 900 нови вработени што е нон сенс.
Само верувам дека е точна бројката на вработени во државната администрација, во министерствата.Тој број е 15 000 и со години толку изнесува,тука стои. Бројот на вработени во министерствата и во единиците на локалната самоуправа е многу мал во однос на вкупниот број вработени и тука треба да се интервенира.
Во поглед на другите вработени во јавниот сектор, во образованието, во здравството, културата,науката, требаше да се каже колку се даватели на услуги,а колку се административци.Така ќе се види дали и колку луѓе фалат во овие сектори.Според мене тука треба да се спроведе реформа.Во државната администрација имаме тренд луѓето да го напушатат работното место заради повисока плата или партиски притисоци.На високи државни функции,како државни службеници, советници, раководители на сектор или на одделение се ставаат партиски луѓе и тоа не се издржува.Масовно се напушта државната администрација. Затоа сметам дека има дубиози во бројките.
Првата реформа од 1999 г. предвидуваше дека за 4 год ќе се преполови бројот на вработени. Тогаш беа 120000, а бројот наместо да се намали се зголеми барем за 20-30000 вработени. Така што кога ќе се споменат бројки во администрацијата, сметајте на тоа дека за толку ако не и плус, ќе се зголеми бројот на вработени во јавниот сектор.
Соочени со критиките за многу вработени, министерот Алити вели дека нема системско решение за растеретување на гломазниот државен апарат освен да се ограничат институциите на 5 % нови вработувања.Дали ова е вистинското решение за да се реформира администрацијата?
Министерот не може шнајдерски да каже дека со ограничување од 5 % ќе се забранат вработувања. Кога Словенија ја правеше реформата пред 20 години, и опозицијата и позицијата се договорија,дека нема да има отпуштање на вработени туку дека со природниот одлив, со пензионирање, испразнетите места нема да се пополнат.Така ја намалија бројката на вработени за половина и сега ја држат на тоа ниво.Ние имаме многу порозни одредби. Го знаете случајот од пред месец-два, еден човек беше ангажиран со договор на дело во пет институции, односно тој човек од буџетот примаше пари од 4 општини и од обвинителстството.
Ако тие сегменти ги затвориме, тогаш ќе можеме да збориме и за зголемување на платата во државната администрација каде реално ни фалат вработени.Тие се крвотокот на правниот систем и треба да ги спроведуваат законите.Во образованието, културата и науката треба да се зголеми бројот на извршители а не на административниот кадар кој е само поддршка на извршителите.Ние
немаме стратегија и визија како да ја направиме реформата во администрацијата. Заложбата да не се вработуваат повеќе од 5 % на годишно ниво е катастрофа, особено кога таква најава доаѓа од човек кој очигледно не ги разбира работите и од дневно политички побуди кажува нешто што е нон сенс.
Синдикатите најавија серија протести поради ниските плати и потребата тие да се усогласат со минималнатаплата.Владата веднаш најави дека на тие што ќе штрајкуваат ќе им се најде замена, но сепак преговорите продолжуваат од понеделник.
Државата за мене како редовен професорсо 44 години стаж дава 36 000 денари нето плата и таа со години не е сменета.На 30-ти септември ќе заминам во пензија и не верувам дека ќе достигнам пензија од 40 000 денари иако имам толкав стаж.Зборувам за доктор на науки, универзитетски професор..Ние универзитетските професори секогаш сме биле на исто ниво со Врховен суд и со Уставен суд, но сега платите во Врховен се 1500 евра, во уставен 2500 евра а јас и со додатоци немам ниту 1000 евра плата.Што да правиме? Државата го обезвредни трудот на давателите на услуги.Во здравството нешто поправија, но во образованието а особено во науката, состојбата е катастрофална.
Компаративни вредности во нашата држава се образованието, земјоделието, културата. Ние не можеме да правиме ракети и авиони, мала држава сме но ова се нашите компаративни вредности.Тука каде што можеме да инвестираме и да бидеме препознатливи во светот, ние тоа го уништуваме.За жал најголем дел од моите добри студенти правници одат во странство и остануваат таму, што е невообичаено.За информатичарите или електромашинските инженери тоа е вообичаено но за правниците досега не беше. Во странство нашата диплома е препознаета, нашите деца одат на магистерски, на докторски студии, работат во адвокатски канцеларии и остануваат таму што е многу жално.Ние тука ставаме партиски војници кои не се кадарни еден закон да напишат. Не дај боже датум да добиеме, се прашувам кој ќе преговара со ЕУ? Администрацијата ни е на такво дереџе,толку сме назад во однос на други држави што можеме само да испаднеме смешни.
К.В.С.