Обврска на граѓанското општество е да биде подготвено во секој момент да диши во врат на секоја власт, а ваков скандал со прислушување на приватни разговори во Макеоднија повеќе не смее да се дозволи. Ова се дел од ставовите на активистите од невладините организации на кои опозицијата денеска им додели папки со аудио снимки и им соопшти дека со години биле таргет на прислушувани од страна на власта.
Активистите Џабир Дерала, Никола Наумовски и Бојан Маричиќ, како и аналитичарот Ѓунер Исмаил на вчерашната дискусија на тема “Граѓанското општество – државен непријател во сите диктатури” во антивладиниот камп истакнаа дека не се изненадени од фактот што биле прислушувани, но сепак чувството е непријатно.
-Ова нешто се насетуваше, сите ние на еден на друг начин го знаевме или го чувствувавме, но сосема е поинаку кога ќе го добиете тоа црно на бело и кога ќе видите дека навистина сте прислушувани и воопшто не е пријатно како граѓански активисти кој што сметале дека искрено, професионално, граѓански настапувале во своите каузи да бидат третирани како државни непријатели, рече модераторот Бојан Маричиќ, од македонскиот центар за европско образование.
Аналитичарот Ѓунер Исмаил истакна дека кој и да седне во иднина на чело на власта, треба да биде сведен дека спроти него ќе го има граѓанскиот сектор.
-Граѓаните мора да го живеат својот живот со очите отворени и да се подготвени во секој момент да и дишат во врат на секоја власт. Тоа е идејата на едно граѓанско општество, без кое демократијата не може да се замисли.
Груевски многу добро знаеше како да го совлада барем еден од деловите од каде што може да му се појави отпор. Велам, тој знаеше, ама и ние знаеме. Што и да се случи во оваа земја, кој сака нека седне во оваа зграда, ќе мора да знае дека наспроти него ќе има граѓански сектор кој знае да биде и конструктивен, но и безмилосен, кон оној кој што власта не ја употребува со добри намери, во добри цели и во интерес на граѓаните, посочи Исмаил.
Активистот Никола Наумовски од невладината „Плоштад Слобода“ вели дека благодарение на прислушување, власта однапред знаела за сите граѓански акции и протести.
-Во Македонија телефонските разговори кои биле правени, за да може да се местат судски случаи, да се пресретнуваат активистички акции, да се предвидуваат некакви однесувања на политичките актери и тоа секогаш во корист на власта.
Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и овој режим кој што го воспоставија не се толку алергични на граѓанското општество, туку се алергични на слободоумните, правдољубивите луѓе кои изминативе девет години шетаа по скопските улици, барајќи западни вредности во Република Македонија
Се работи за еден софистициран режим кој што ги користи добро придобивките на современата технологија, за да може да ги контролира луѓето, особено оние што не му се допаѓаат, да ги преброи, да ги подреди, да ги изброи и да им ги стегне потенциометрите на нивните гласови, токму толку, колку да не можат да направат никаква разлика, рече Наумовски.
Според активистот Џабир Дерала од Цивил – Центарот за слобода, посочи дека власт, која ги прислушувала грааните, како и своите најблиски треба да си замине во историјата и никогаш повеќе да не се врати.
-Ние знаевме дека ни ги следат комуникациите, знаевме дека слушаат и тогаш кога разговаравме со другари и другарки и често пати ги поздравувавме. Само има разлика во тоа кога некој слуша, а некој не чуе и очигледно е дека тие слушаа од сосема различни причини. Слушаа за тоа активистите на кој парк ќе отидат, слушаа за тоа како да се збогатат со информации, да се преполнат со пари и при сето тоа малку да не им се разниша нивната позиција на моќ.
Притоа се слушаа меѓусебе, тоа мене најмногу ме фасцинираше. Да си го слушаш својот кум, својот пријател, својот колега е повеќе од долно и недостоинствено, заради тоа мислам дека ние нема што да направиме, они се направија, единствено мислам што ни остана е да им кажеме да си заминат во историјата и веќе никогаш да не се вратат. Само тоа ни останува, се друго направија, рече Дерала.
Вчера беше 23.ден откако е поставен кампот на Граѓаните за Македонија пред Владата, каде што секој ден се организираат дебати и дискусии за различни сектори од државата, а на кои се говори за владеењето на Никола Груевски од кои се бара оставка и одговорност на целата влада.
Вчерашната дискусија во кампот започна во 19 часот, а неколку часа претходно лидерот на СДСМ на прес-конференција објави дека над 10 невладини организации со години биле таргет на тајните служби на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Заев на невладините им достави аудио докази, а меѓу најприслушуваните истакна дека се првите луѓе на НВО Инфо Центар, Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, Транспарентост Македонија, Фондацијата Отворено општество, ЦИВИЛ – Центарот за слобода, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Граѓанската платформа АЈДЕ, Центарот за стратешки анализи Форум, Македонски центар за европско образование, како и Фондацијата Метаморфозис.
Дел од челниците на невладините организации кои лично ги примија папките, најавија правни постапки.

