Дебитираше европскиот Nissan X-Trail, придвижуван од електричен мотор

од Vladimir Zorba
213 прегледи

Иако беше претставен во САД во 2020 година, каде што се продава под името Rogue, новиот Nissan X-Trail на европскиот пазар пристигнува со задоцнување од две години.

Јапонскиот теренец со три реда седишта и опционален погон на четири тркала во Европа има електрифициран погон, а трицилиндричниот турбо-бензинец служи исклучиво како генератор на електрична енергија што го придвижува електромоторот.

Тоа е таканаречениот хибриден погонски систем e-Power, кој претходно го видовме во 2021 година кај новиот Nissan Qashqai.

Новиот X-Trail за Европа визуелно не се разликува од американскиот „братучед“, а производителот наведува дека третиот ред седишта е наменет за луѓе високи до 160 сантиметри, што практично значи дека на нив можат да се возат само деца.

Вториот ред на седишта е поделен 60:40 и може да се помести напред за полесен пристап до третиот ред. Со сите потпирачи во исправена положба, капацитетот на багажникот е 585 литри, односно 20 литри повеќе отколку во моделот од претходната генерација.

Кога станува збор за погонот, 1,5-литарскиот трицилиндричен мотор не ги придвижува директно тркалата, туку служи за производство на електрична енергија што го напојува електричниот мотор.

Електричната единица произведува 201 КС и 330 Нм вртежен момент достапни во секое време, исто како кај чисто електричните автомобили.

Новиот X-Trail забрзува до 100 км/ч за само 8 секунди.

За оние кои имаат потреба од погон на 4 тркала, Nissan ќе понуди ваква верзија и во Европа.

Овој автомобил има два електромотори со вкупна комбинирана моќност од 201 „коња“, а од 0-100 км/ч забрзува за 7 секунди, кога станува збор за верзијата со 5 седишта или 7,2 сек. во верзијата со 7 седишта.

Максималната брзина на моделот со еден електромотор е 170 км/ч, а на оној со два агрегати 180 км/ч.

Nissan X-Trail веќе може да се нарача на одредени европски пазари, а цената во Италија започнува од 38.080 евра.