Во општината Вири-Шатијон, во департманот Калвадос, регионот Долна Нормандија на северот од Франција, денеска стапува на сила полициски час за малолетници помлади од 13 години, објавија француските медиуми. Градоначалникот на Вири-Шатијон, Жан-Мари Виленин, најави воведување на оваа мерка од 15 април во интерес на децата, откако општината беше потресена од насилната смрт на 15-годишниот Шемседин, кој беше претепан во април 2024 година, пишува весникот Фигаро.
Според одлуката, од оваа сабота навечер, малолетниците под 13 години нема да смеат да се движат сами по улиците на Вири-Шатијон во периодот од 22:00 до 6:00 часот.
„Оваа регулатива не само што ќе ги заштити децата, туку и ќе ги поттикне родителите да преземат поголема одговорност за тоа каде им се децата во вечерните часови“, изјави градоначалникот Виленин, член на центристичката партија.
Тој додаде дека малолетниците кои ќе бидат затекнати сами на улица во наведениот период, ќе можат привремено да бидат задржани во полициска станица.
„Ако родителите мора да дојдат по своите деца во полиција, можеби тоа ќе ги натера да размислат. Не се работи за репресија – исклучиво сум загрижен за благосостојбата на децата“, истакна градоначалникот, додавајќи дека не се предвидени парични или други санкции.