Деди Јенки става крај на кариерата

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Деди Јенки ги изненади обожавателите објавувајќи го своето повлекување од сцената со албум и проштална турнеја, повеќе од три децении по почетокот на неговата кариера, што го стави регетонот на светската музичка топ листа со хитови како „Gasolina“, „Somos de Calle“, „Con Calma“ „Despacito“ и други.

Неговиот успех го направи еден од најголемите идоли на латино музиката и му донесе шест „Греми“ награди за латино музика.

„Во кариерата која беше маратон за рајот, конечно го гледам финалето“, рече 45-годишната порториканска ѕвезда во видеото објавено на неговата веб-страница. „Луѓето велат дека го направив овој жанр глобален, но вие всушност ми го дадовте клучот да го направам овој стил најголем во светот“, рече тој.

„Денес официјално го објавувам моето повлекување од музиката со мојата најдобра продукција и најдобра концертна турнеја“, додаде пејачот, кој го издаде својот прв албум „No Mercy“ во 1995 година, а светската слава ја стекна неколку години подоцна со „Barrio Fino“.

Јенки, чие вистинско име е Рамо Луис Ајала Родригез, го пушта албумот „Legendaddy“ во четврток навечер. Тој го опишува како „колекционерски“ бидејќи ќе ги вклучи сите стилови што го дефинираат.

„Legendaddy“ е борба, забава, војна, романса“, рече тој за албумот, кој е негов прв по десет години по „Prestige“ од 2012 година.

Раперот во лето ќе тргне од Портланд, Орегон, на турнејата „La Ultima Vuelta“ со 41 концерт. Тие ќе се одржат во САД, Канада и Јужна Америка, а последниот ќе биде на 2 декември во Мексико.