Дединец: Воведувањето на блок тарифите нема да направат дискриминација кај потрошувачите

од Vladimir Zorba
670 прегледи

Блок тарифите  треба да ја зголемат рационализацијата на  потрошувачката во домаќинствата и со тоа да се обезбеди одреден дел од домашното производство на електрична енергија ,  за индустријата, по пониски цени,  но  до кој степен ова може да се направи е рано да се каже, вели за  „Локално“ , др. Александар Дединец- научен соработник во МАНУ.

Тргнувајќи од фактот дека станува збор за новина за сите во Македонија за него е логично дека треба да се почекаат реакциите на граѓаните.  Објаснува дека  новиот модел со блок тарифи  не прави дискриминација на потрошувачите  бидејќи како што вели,  секој сам избира дали ќе  троши повеќе или помалку електриична енергија во ефтина или во скапа тарифа.

За него се разбирливи дилемите на потрошувачите околу тоа кој уред е најисплатлив за греење , но дециден е дека според сите анализи најисплатлив е клима уредот.

Затоа замолувам луѓето да не се откажуваат од клима уредите затоа што и понатаму нивното греење ќе биде најефтино споредено со греењето од огревното дрво. Според сегашните цени,  греењето на огревно дрво е за 50-70% поскапо од греењето со клима уреди“, посочува Дединец. Како аргумент ја наведува проекцијата според која употребата на инверторите  заради енергетската криза  во светски рамки ќе се зголеми за три пати.

Регулаторната комисија за енергетика предложи нов модел за наплата на потрошена електрична енергија преку блок тарифи. Кои се главните мотиви во сред енергетска криза да се воведе ваков начин на пресметка, дали тие блок тарифи ќе успеат да ја намалат потрошувачката на струја?

-Новиот тарифен систем со блок тарифи,  начинот на кој што е дизајниран,  има за цел да ја намали потрошувачката на електричната енергија, односно да стимулира рационално користење на електричната енергија. Се очекува дека оние кои трошат повеќе електрична енергија ќе ја намалат својата потрошувачка до одреден степен  до којшто можат, со цел да избегнат повисоки сметки.

Најавата дека овој нов начин на пресметка на потрошувачката на електрична енергија ќе стартува од јули ,предизвика многу нејаснотии и стравувањата кај потрошувачите особено кај повеќечлените домаќинства и кај оние кои во налетот на еко-акцијата на државата, своите печки ги заменија со клима-уреди. Има ли простор за страв дека целата ситуација ќе ги принуди да се вратат на греење на дрва? Колку е тоа  реално и кои би биле последиците?

-Сите треба да се воздржиме од коментари без претходно да направиме анализа за тоа кој уред е најисплатлив за греење во моментов во Македонија. Бројките и анализите покажуваат дека најефикасен уред и понатаму останува клима уредот. Според сегашните цени  греењето на огревно дрво е за 50-70% поскапо од греењето со клима уреди. Тоа е затоа што кај клима уредите, со еден вложен киловат електрична енергија се добиваат 3 и повеќе киловати топлинска енергија, додека кај огревното дрво треба да вложите околу 2 киловати за да добиете 1 киловат топлинска енергија. Тоа е огромна разлика во однос на цената. Цената на електричната енергија би требало да се зголеми за 50-70%, а и повеќе и во исто време цената на дрва да остане непроменето па да се исплати преоѓањето од инвертери на дрва. Затоа замолувам луѓето да не се откажуваат од клима уредите затоа што и понатаму нивното греење ќе биде најефтино споредено со греењето од огревното дрво, особено имајќи предвид  дека и  цената на огревното дрво подлежи на одредени зголемувања.

Фактот дека дрвото се транспортира со камиони ( трошоци за транспорт  кои се покачени  како се последица на растот на цените на нафтените деривати) е една од основните причини поради кои и тука се зголемува цената на конечниот износ. Ако се изврши дополнителен притисок луѓето да се откажат од клима уредите и доколку дел од нив се преоренитираат на огревното дрво, ќе се зголеми влијанието врз продавачите на дрва што како последица ќе има покачена цена. Се ова е непотребно бидејќи граѓаните ќе треба да инвестираат два пати. Веќе инвестирале во клима уред, а сега повторно во печка на биомаса и покрај тоа што втората опција не е поефтина со што ќе бидат изложени на дополнителен ризик. Затоа посочувам дека луѓето не треба да бидат доведувани во заблуда дека огревното дрво е поефтино од клима уредите.

Кога зборуваме за клима уредите, тоа веќе не треба ни да го гледаме како греење на електрична енергија бидејќи станува збор за хибридна технологија, затоа што од една страна користи една единица електрична енергија, а две единици ја користи енергијата од воздухот. Значи, имаме поголема потрошувачка на енергија од воздухот отколку што имаме потрошувачка на електрична енергија. Затоа инвертерите се сметаат за обновливи извори на енергија, таа енергија се смета за обновлива енергија. Според сите директиви на ЕУ кои се имплементирани во нашето законодавство, таа енергија ја сметаме за обновлив извор на енергија. Се предвидува дека во светски рамки употребата на инверторите ќе се зголеми за три пати. Сега во моментов се користат околу 200 милиони, а до 2030 се предвидува дека таа бројка ќе се зголеми на 600 милиони клима уреди во светот. Дополнително на ова е новата стратегија на ЕУ која излезе пред неполни две недели и која е во насока на тоа дека секој нов објект ќе  мора на покривот да има фотоволтаици, мора да има климауред и да има батерии за складирање на енергија. Оваа обврска за комерцијалните објекти  кои што ќе се реновираат ќе почне да се применува од 2025 година. Значи се оди кон тоа климауредите да бидат главното средство со чија помош луѓето ќе се загреваат и ќе се ладат во периодот којшто ни претстои.

Дали со новиот модел на  блок-тарифи, освен домаќинствата ќе биде опфатена и индустријата особено приватните бизниси?

-Блок тарифите не ја опфаќаат индустријата, туку моментално ги опфаќаат само домаќинствата и мислам дека само на нив и ќе се задржи. Каква опција ќе биде избрана за инсустријата, се уште не е познато бидејќи на првата работилница организирана од страна на Регулаторната комисија се зборуваше само за домаќинствата и акцентот беше ставен на блок тарифите кои ќе се однесуваат на нив. Претпоставувам дека на некоја од следните презентации ќе биде опфатена и индустријата со што ќе добиеме појасна слика за тоа што се се случува со инсустријата и со цената на електричната енергија за неа.

Во анализата на позитивните и негативните аспекти од воведувањето блок тарифи, доминира мислењето дека наспроти уверувањето на дел од ескпертите, новиот модел нема да овозможи  еднаков третман на потрошувачите, а тука пред се се мисли на жителите на градовите во кои нема централно парно греење.

-Може да се каже дека и сегашниот систем не обезбедува еднаков третман. За некои е привилегија приклучувањето на централното греење, а за некои недостаток па се исклучувале. Тоа зависи од многу фактори, начинот на живеење, состојбата и конфигурацијата на станбениот објект и т.н.  Не постои тарифен систем кој би ги опфатил сите специфичности. Друго прашање е дали државата ќе субвенционира одреден енергент и во кој износ и сооднос.  При расправата се отворија и прашања за тоа колку луѓе живеат во едно домаќинство, дали таму каде што живеат повеќе луѓе ќе плаќаат повисоки сметки, а тие со помалку ќе плаќаат пониски… Ако во самата тарифа го вклучиме и социјалниот ефект, тогаш покрај бројот на домаќинствата треба да се земат  предвид и месечните примања итн…Тоа е премногу комплексен модел за да може да се имплементира. Овие елементи се опфаќаат со други мерки на борба со енергетската сиромаштија, а не со тарифниот систем. Новиот модел не прави дискриминација. Вие точно знаете кои се правилата и по која тарифа ќе плаќате. Истото е и сега. Ако јас трошам повеќе евтина енергија од некој којшто троши повеќе поскапа енергија не значи дека јас сум обесправен што трошам повеќе евтина енергија бидејќи тоа е мој избор. Така е и со блок тарифите. Вие избирате дали сакате да трошите повеќе или помалку, па оттука не може да стане збор за дискриминација на потрошувачите.

Како во услови на ваква енергетска криза и најави дека не чека уште потешка есен и зима, да се помогне и на граѓаните и на стопанството? Постои ли ваква можност?

-Ние во моментов имаме недостаток на производство на електрична енергија кој што се рефлектира и врз индустријата. Доколку обезбедиме поголемо производство, ќе можеме повеќе да им помогнеме и на граѓаните и на индустријата. Покрај тоа, овие блок тарифи треба да ја зголемат рационализацијата на  потрошувачката во домаќинствата и со тоа да се обезбеди одреден дел од домашното производство за индустријата, по пониски цени. До кој степен ова може да се направи е рано да се каже. бидејќи се уште не знаеме како граѓаните ќе реагираат на новите блок тарифи. Влегуваме во нешто ново и непознато за Македонија, па првите ефекти ќе ги видиме веднаш по воведувањето на блок тарифите, исто како што можеа  да се видат првите ефекти по укинувањето на евтината тарифа. Тогаш луѓето веднаш ја прераспределија потрошувачката од тој дел на денот на друг. Претпоставувам нешто слично да се случи и со блок тарифите. Друг начин на обезбедување на поевтина електрична енергија за индустријата е преку инсталирање соларни панели на своите покрив. Државата би можела да им помогне во делот на субвенции за нивно  поставување или во најмала рака да се поедностават одредени процедури коишто ќе овозможат забрзување на постапката за поставување на фотоволтаиците. Се работи на поедноставување на процедурите, но секако дека треба да се  забрза целиот  процес  за да можат заинтересираните  да  го искористат периодов за нивно поставување.

К.В.С.

 

Слични содржини